Кога граѓаните ќе повикаат полиција, очекуваат заштита. Но статистиката на Министерството за внатрешни работи (МВР) покажува дека сè почесто и самите полициски службеници се наоѓаат од другата страна на законот.
Бројот на кривични дела во кои како сторители се евидентирани вработени во МВР бележи раст во последните години, при што 2025 година се издвојува како година со најголем број регистрирани случаи и опфатени службени лица, покажуваат податоците на Одделот за внатрешна контрола кои Инбокс7 ги доби преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во периодот од 2022 година до октомври 2025 година биле регистрирани вкупно 439 кривични дела, а како сторители се евидентирани 635 вработени во МВР. Само во првите десет месеци од 2025 година биле регистрирани 136 кривични дела со 239 сторители, што е највисока бројка во анализираниот период.
Податоците покажуваат дека по намалувањето во 2023 година, кога биле регистрирани 79 кривични дела, бројот повторно се зголемил на 119 случаи во 2024 година, а растот продолжил и во 2025 година.
Најголема концентрација на случаи има во Скопје. Во првите десет месеци од 2025 година, во рамки на СВР Скопје се регистрирани 53 кривични дела со 116 сторители, што претставува речиси половина од вкупниот број евидентирани сторители на национално ниво. Следуваат СВР Куманово со 16 дела и 21 сторител, СВР Велес со 12 дела и 13 сторители, како и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со 13 дела и 24 сторители.
Најчесто регистрирано кривично дело е „Злоупотреба на службената положба и овластување“ според член 353 од Кривичниот законик. Во анализираниот период се регистрирани 52 случаи со вкупно 147 сторители. Само во 2025 година биле евидентирани 23 случаи со 86 сторители, што претставува највисоко ниво досега.
Второ по застапеност е делото „Несовесно работење во службата“ (член 353-б), со 31 случај и 64 сторители. Значителен број случаи има и кај делата „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“ со 40 случаи и исто толку сторители, како и „Загрозување на сигурноста“ со 33 случаи.
Во групата коруптивни кривични дела се регистрирани 16 случаи на примање поткуп со 27 сторители и два случаи на давање поткуп. Евидентирани се и случаи на проневера во службата, фалсификување службени исправи, оддавање службена тајна, компјутерски фалсификат и попречување на правдата.
Податоците покажуваат дека дел од кривичните дела се однесуваат и на насилни инциденти. Во периодот 2022–2025 година се регистрирани 17 случаи на телесна повреда, 18 случаи на насилство и еден случај на убиство во кој како сторител е евидентиран вработен во МВР.
Сепак, статистиката не дава целосна слика за правната разрешница на овие случаи. Одделот за внатрешна контрола навел дека не располага со податоци за бројот на обвинети и правосилно осудени лица, што оневозможува проценка колкав дел од регистрираните случаи завршиле со судска постапка и пресуда.
Тешки товарни возила – нерегистрирани
Во одговорот на МВР се содржани и податоци за санкционирање на нерегистрирани возила во Полошкиот регион. Во Тетово до ноември 2025 година биле преземени 400 мерки против нерегистрирани возила, додека во Гостивар биле евидентирани 16 случаи поврзани со тешки товарни возила.
Бројките отвораат прашања за ефективноста на механизмите за внатрешна контрола и професионална одговорност во полицијата. Иако зголемениот број случаи може да укажува на поефикасно откривање и пријавување на неправилности, растот на бројот на сторители, особено кај злоупотребата на службената положба, укажува дека интегритетот и отчетноста остануваат меѓу најголемите предизвици за МВР.
Токму затоа растот на бројот на кривични дела меѓу полициските службеници не е само полициска статистика. Тој е показател за состојбата на институционалниот интегритет и тест за способноста на системот да ја зачува довербата на јавноста.
Во период кога полицијата добива сè повеќе надлежности и технички алатки, предизвикот останува ист: како да се обезбеди оние што го спроведуваат законот да бидат првите што ќе го почитуваат.

