18.8 C
Скопје
24 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

На листите за операции има и починати пациенти, ажурирањето се прави рачно

На листите на чекање за хируршки интервенции во јавните здравствени установи се уште има евидентирани и починати пациенти, а нивното отстранување од системот се врши рачно во соработка меѓу Министерството за здравство и самите институции, изјави министерот за здравство Азир Алиу.

Говорејќи на брифинг со медиумите по повод една година од преземањето на функцијата, Алиу рече дека Министерството добива пријави за можни злоупотреби на листите на чекање, но засега нема доволно документирани случаи за јавно да ги соопшти.

„Имаме пациенти кои, за жал, веќе не се меѓу нас и тие треба да се избришат од листите. Тоа не може Министерството самостојно да го направи. Законски, ажурирањето мора да се врши заедно со здравствените установи, па затоа наши вработени одат на терен за детално да се чистат и ажурираат податоците“, рече Алиу.

Тој посочи дека се анализираат и случаи во кои постои сомнеж дека пациентите неоправдано биле враќани од операции или биле предмет на други неправилности во процесот на закажување и третман.

Во февруари годинава Министерството го пушти во употреба порталот за електронска евиденција на елективни хируршки интервенции, преку кој јавно се следат листите на чекање со принципот „прв дојден – прв услужен“.

Алиу информираше и дека системот за идентификација со отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство и во три клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Инфективна клиника, Торакална хирургија и Трансфузиологија.

Според него, системот е во пилот-фаза и треба да овозможи подобра контрола на работното време и евиденција на присуството на вработените.

„Ќе знаеме реално кој работи, колку работи и колку прекувремени часови има. Од друга страна, ќе се намали притисокот врз оние кои навистина ја извршуваат својата работа“, рече министерот.

Тој најави и анализа за евентуално пренасочување на пациенти од јавниот во приватниот здравствен сектор, оценувајќи дека проблемот треба да се решава преку административни механизми и поголема транспарентност.

„Вториот чекор ќе биде анализа колку пациенти од јавното здравство завршуваат во приватните здравствени установи, но сè уште е рано да се зборува за конкретни резултати“, додаде Алиу.

Related posts

Азески: Условите од кредитот се добри но Владата мора итно да одговори на прашањата на бизнис секторот

admin

Уставниот суд ја потврди одлуката за намалување на бројот на советници, ДУИ реагира со обвинувања за дискриминација

admin

Има ли владата план како да поминат уставните измени?

admin

Ердоган се договара со Оган, неговите гласови се клучни за победа

admin

Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух

admin

Документи, бактерии и политички пресметки: Кој ја премолчувал опасноста од водата?

admin