Советот на Европската Унија одобри почеток на преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија за нивно приклучување кон европската зона „Роам како дома“ (Roam Like at Home), што би им овозможило на граѓаните да користат мобилни услуги без дополнителни роаминг трошоци при патување во земјите на ЕУ.
Одлуката претставува нов чекор во продлабочувањето на интеграцијата на Западен Балкан со Европската Унија и е дел од пошироките напори за економско и дигитално поврзување на регионот со европскиот единствен пазар.
„Проширувањето на зоната ‘Роам како дома’ кон Западен Балкан испраќа јасен сигнал за посветеноста на Европската Унија кон регионот. Поголемата поврзаност значи повеќе можности за граѓаните, бизнисите и економската соработка“, изјави заменичката министерка за европски прашања на Кипар, Марилена Раоуна.
Системот „Роам како дома“ им овозможува на корисниците да телефонираат, испраќаат пораки и користат мобилен интернет во странство по исти цени како во матичната земја. Во моментов зоната ги опфаќа сите земји-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Молдавија и Украина.
По денешната одлука, Европската комисија ќе започне преговори за посебни секторски договори со секоја од шесте земји од Западен Балкан. Договорите ќе бидат поврзани со постојните Спогодби за стабилизација и асоцијација и ќе ја утврдат институционалната рамка за нивна примена.
Пред приклучувањето кон европската роаминг зона, секоја земја ќе треба целосно да го усогласи своето законодавство со правилата на ЕУ во областа на телекомуникациите и роамингот.
Европската комисија ќе ја оценува подготвеноста на секоја земја поединечно. Доколку оценката биде позитивна, ќе може да се донесе одлука за взаемно отворање на роаминг пазарите меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
Овој процес е дел од пошироката стратегија на Брисел за постепена интеграција на регионот во единствениот европски пазар уште пред полноправното членство во Унијата.
За граѓаните на Северна Македонија, како и за останатите земји од регионот, тоа би значело дека при патувања во земјите на ЕУ ќе можат да ги користат мобилните услуги без дополнителни трошоци за роаминг, под истите услови како дома.

