36.5 C
Скопје
30 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Време за „Здравствен Устав“

Пишува: Проф. Др. Драган Даниловски

Повторно сме во исчекување на нов министер за здравство.

Во јавноста веќе започнаа анализите кој ќе биде избран, какви ќе бидат неговите приоритети и дали ќе успее да ги реши наталожените проблеми. Ова сценарио Македонија го гледа речиси три децении. Се менуваат министрите, директорите, организациските шеми и приоритетите. Здравствениот систем продолжува да се движи низ циклус на постојани прекини, нови почетоци и недовршени реформи.

Во меѓувреме, незаразните болести остануваат водечка причина за смртност. Населението старее. Младите лекари и медицински сестри ја напуштаат земјата. Листите на чекање остануваат долгогодишен проблем. Превенцијата и јавното здравје сè уште немаат место што им припаѓа во системот.

Овие состојби не можат да се менуваат во рамките на еден четиригодишен мандат. За подобрување на здравствените исходи потребни се долгорочна визија, институционална стабилност и јасно утврдени национални приоритети.

Поради тоа, убеден сум дека Македонија има потреба од документ кој ќе биде над дневната политика и над изборните циклуси. Документ што ќе ја дефинира здравствената политика на државата за најмалку десет години. Документ што ќе ги обврзува сите идни влади, без оглед на нивниот политички состав.

Јас тој документ го нарекувам „Здравствен устав“.

Станува збор за национална стратегија усвоена со широк консензус во Собранието, по темелна јавна расправа со медицинските факултети, професионалните комори, здравствените работници, пациентските организации, Фондот за здравствено осигурување, научната јавност и политичките чинители. Таков документ треба да ги постави темелните правила на развојот на здравствениот систем и да обезбеди нивен континуитет независно од политичките промени.
Вакви решенија не се непознати во Европа. Словенија одамна ја избра оваа насока. Стратешките определби за развојот на здравството се усвојуваат во парламентот и претставуваат долгорочна обврска за сите влади. Благодарение на ваквиот пристап, реформите имаат континуитет, а здравствените политики се градат врз постепен развој.

Македонија има доволно знаење за да изработи ваков документ. На медицинските факултети, во Институтот за јавно здравје, во клиниките, стручните здруженија и коморите работат луѓе со искуство и компетенции што можат да понудат современи решенија. Потребна е политичка зрелост тие знаења да се претворат во национален договор.

„Здравствениот устав“ треба да содржи јасно дефинирани цели, рокови и мерливи показатели за нивното исполнување. Секоја година Владата треба пред Собранието да поднесува извештај за степенот на реализација на утврдените индикатори. Таквиот пристап создава континуитет, отчетност и можност напредокот да се оценува врз основа на резултати.

Меѓу клучните национални цели треба да бидат намалувањето на предвремената смртност од кардиоваскуларните и малигните заболувања, продолжувањето на очекуваниот животен век во добро здравје, национална политика на превенција, развој на скрининг-програмите, рамномерна достапност на здравствените услуги во сите региони и долгорочна кадровска политика што ќе обезбеди услови младите лекари и медицински сестри својата професионална иднина да ја гледаат во Македонија.

Особено место заслужуваат превенцијата и јавното здравје. Нивната улога одамна ја надмина рамката на класичната епидемиологија. Современото јавно здравје претставува инвестиција што го намалува товарот на болестите, ги намалува трошоците за лекување и ја зголемува продуктивноста на целото општество. Затоа, неговото финансирање треба да биде јасно определено и заштитено со долгорочни политики.

Здравството е еден од темелите на националната безбедност. Тоа ја определува демографската иднина, економскиот развој, социјалната стабилност и квалитетот на животот на секој граѓанин. На таков систем му се потребни правила што ќе траат подолго од секоја влада.

Претстојната реконструкција отвора можност да започне една поинаква расправа. Расправа за иднината на македонското здравство во следните десет години. Расправа што ќе ги обедини знаењето, искуството и политичката одговорност околу една заедничка национална цел.

Македонија одамна го има достигнато моментот кога здравството треба да стане државен проект, а не партиски проект. „Здравствениот устав“ може да биде првиот чекор во таа насока.

Related posts

Рамка за проценка на организацискиот капацитет за промени

admin

Трамп: „Јас сум вашата одмазда“

admin

Невидливата архитектура на модерното здравство

admin

Зошто односите со Бугарија “не смеат” да бидат “убави”?

admin

Tик ток, опасна мрежа или немоќ на системот да едуцира

admin

Војната со Иран нанесува посилен удар врз природниот гас отколку врз нафтата

admin