Високи претставници на британската влада очекуваат премиерот Кир Стармер да објави план за оставка, откако викендот го помина во консултации за својата политичка иднина, јави Би-Би-Си.
Во Даунинг стрит утрово почнаа подготовки за изјава на премиерот, а вработени поставија озвучување пред седиштето на британската влада.
Иако нема официјална потврда дека Стармер ќе се повлече, очекувањата во владата и во Лабуристичката партија се дека тој би можел да најави временска рамка за заминување.
Притисокот врз Стармер се зголеми по победата на Енди Барнам на дополнителните избори во Мејкерфилд минатата недела. Барнам, поранешен градоначалник на Голем Манчестер и поранешен министер, денеска треба да положи заклетва како пратеник во Вестминстер.
Доколку Стармер поднесе оставка, дел од лабуристите очекуваат Барнам да биде единствениот кандидат за лидер, што би овозможило брза транзиција без долга внатрепартиска трка.
Некои поддржувачи на Барнам сметаат дека тој би можел да ја преземе функцијата до партиската конференција на Лабуристите во септември, додека други предупредуваат дека тримесечен преоден период би ја парализирал владата.
Стармер е под зголемен притисок по слабите резултати на локалните избори во мај, кога Лабуристите загубија речиси 1.500 советници во Англија, ја загубија власта во Велс и го забележаа најлошиот резултат во Шкотскиот парламент.
Дел од министрите и пратениците сметаат дека актуелната состојба е неодржлива. Поранешниот министер за здравство Зубир Ахмед изјави дека поставувањето распоред за заминување би било „правилна одлука“.
Конзервативната опозиција оцени дека евентуалната оставка не мора да значи нови парламентарни избори, бидејќи премиер може да се смени доколку новиот лидер има поддршка во парламентот.
Доколку Стармер се повлече, тоа би била уште една промена на премиер во Велика Британија во последната деценија, период обележан со силна политичка нестабилност по референдумот за Брегзит.

