27.5 C
Скопје
3 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски не попушта пред ЕУ: „Нема да влеземе во авантура без гаранции“

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Северна Македонија нема да прифати уставни измени без јасни гаранции за завршување на евроинтегративниот процес, додека лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, оцени дека Владата создава непостоечки пречки на патот кон Европската Унија.

Во пресрет на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, Мицкоски повтори дека Владата нема да презема чекори без сигурност за конечниот исход на процесот.

„Нема цена што би нè натерала да влеземе во авантури без да знаеме дека таа авантура ќе има јасно определен крај“, изјави премиерот.

Тој рече дека по средбата на македонскиот министер за надворешни работи со неговата бугарска колешка останува на ставот дека во Бугарија се забележува „радикализација“ на позициите и дека уставните измени не се единственото прашање што може да се појави во текот на пристапниот процес.

Од друга страна, Филипче изјави дека пораките на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта биле недвосмислени и дека усвојувањето на уставните измени останува единствениот услов за продолжување на пристапните преговори.

„Нема дополнителни гаранции, ниту дополнителни услови. Сè друго е измислица на власта“, изјави Филипче, повикувајќи на референдум на кој граѓаните би се изјасниле за европската иднина на државата.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој вчера престојуваше во Скопје, изјави дека преговарачката рамка веќе е усвоена и дека исполнувањето на договорените обврски е неопходно за продолжување на пристапниот процес.

„Ништо повеќе и ништо помалку“, рече Кошта, осврнувајќи се на обврската за усвојување на уставните измени.

Тој нагласи дека проширувањето останува стратешка цел на Европската Унија и оцени дека Северна Македонија бележи напредок во реформите поврзани со владеењето на правото и јавната администрација.

Прашањето за внесување на Бугарите во Уставот останува клучна точка на политички спор меѓу власта и опозицијата, додека земјата се обидува да го деблокира европскиот интегративен процес.

Related posts

ТАРАВАРИ СО ЕДНА НОГА ВО ВЛАДАТА

ninja

Ги оправда ли очекувањата новиот состав на Антикорупциската комисија во првата година?

admin

Русија бара консултации во Советот за безбедност на ОН поради укинувањето на мандатот на Додик

admin

Трамп доби поддршка и од ривалите – сплотеност меѓу Републиканците

admin

ВМРО-ДПМНЕ под притисок од ЗНАМ по критиките на Милошоски кон министерот Филков

admin

Политичките тензии растат пред локалните избори во Македонија

admin