20.9 C
Скопје
21 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски со порака до Брисел и Софија: Без гаранции нема нови отстапки

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Северна Македонија е подготвена да продолжи со европските интеграции, но само доколку добие јасни гаранции дека нема да се соочи со нови идентитетски и билатерални условувања на патот кон членството во Европската унија.

Во интервју за ТВ Телма, Мицкоски рече дека земјата во изминатите две децении направила повеќе отстапки во делот на идентитетските прашања отколку која било друга држава кандидат за членство во ЕУ.

„Доколку не добиеме јасен план дека ова е последно и дека понатаму ќе важи принципот на заслуги, без нови идентитетски и билатерални барања, подготвени сме да работиме колку што е потребно за да не придонесеме за дополнителна фрустрација кај македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека, додека ја извршува функцијата претседател на Владата, ќе ги штити, како што рече, „бескомпромисно македонските национални интереси“, оценувајќи дека граѓаните веќе направиле доволно жртви во име на евроинтегративниот процес.

„Граѓаните заслужуваат подобар и пофер третман. Со ништо нема да придонесам Уставот повторно да биде понижен и омаловажен без јасна, сигурна и предвидлива иднина“, изјави премиерот.

Мицкоски истакна дека економските показатели на Северна Македонија во последните две години, според него, се подобри од оние на одредени земји членки на Европската унија и изрази уверување во потенцијалот на државата.

Како показател за позитивен тренд, тој наведе податоци од Министерството за внатрешни работи, според кои во 2026 година првпат по подолг период бројот на барања за враќање на македонското државјанство е поголем од бројот на барања за откажување од него.

„Околу 672 лица побарале враќање на македонското државјанство, додека околу 318 поднеле барање за отпис. Верувам во македонските граѓани и во потенцијалот што го има оваа држава“, рече Мицкоски.

Изјавите на премиерот доаѓаат во период кога Северна Македонија останува во застој во процесот на отворање на преговарачките поглавја со Европската унија, поради нерешените прашања поврзани со уставните измени и односите со Бугарија.

Related posts

Објавени имињата на владата на Мицкоски

admin

Ги оправда ли очекувањата новиот состав на Антикорупциската комисија во првата година?

admin

ЕУ наоѓа заобиколен пат за старт на пристапните разговори со Украина и покрај ветото на Унгарија

admin

Марта Кос доаѓа со тешка порака: Без уставни измени нема напредок

admin

Мицкоски: Таравари го одбра својот пат, ќе се обиде повторно да влезе во коалиција со нас

admin

Борел: Курти, за жал, го отфрли компромисот

admin