Иран и Соединетите Држави соопштија дека извршиле напади врз воени цели на противничката страна, меѓусебно обвинувајќи се за ескалација, додека дипломатските напори за ставање крај на тримесечната војна остануваат без значителен напредок.
Американската војска соопшти дека викендов погодила ирански противвоздушни системи, контролна станица и два дрона кои претставувале закана за бродови во регионот, по, како што наведе, „агресивни ирански дејства“, вклучително и соборување американски дрон над меѓународни води.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека возвратила со напад врз воздушна база што ја користат американските сили, како одговор на претходен напад врз јужен Иран. Не беше наведена локацијата на базата, но Кувајт соопшти дека ги активирал своите системи за воздушна одбрана и ги осуди иранските ракетни и беспилотни напади.
Цената на нафтата порасна за повеќе од три проценти по новата ескалација, додека дополнителна загриженост предизвика и одлуката на Израел да ги прошири операциите во јужен Либан против Хезболах, група поддржана од Техеран.
И покрај прекинот на огнот што формално е во сила од почетокот на април, САД и Иран повремено продолжуваат со меѓусебни напади. Во меѓувреме, Пакистан посредува во обидите за постигнување потраен договор меѓу двете страни.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази уверување дека Иран сака договор и ги повика критичарите да престанат со „негативните коментари“ околу мировниот процес.
Од друга страна, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, го обвини Вашингтон дека постојано ги менува своите позиции и поставува нови барања, што, според него, дополнително ги пролонгира преговорите.
Главни спорни точки остануваат иранската нуклеарна програма, барањето на Техеран за укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите приходи од продажба на нафта, како и конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата нареди понатамошно продлабочување на воените операции во Либан, а во понеделникот издаде наредба за напади врз цели во јужните предградија на Бејрут, обвинувајќи го Хезболах за повеќекратно прекршување на примирјето постигнато во април.

