Српскиот претседател Александар Вучиќ објави фотографии од средбата со бугарскиот премиер Румен Радев во пресрет на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, на кој лидерите разговараат за забрзување на европската интеграција на регионот, економската соработка и безбедноста.
Вучиќ соопшти дека со Радев разговарал на неформална вечера во Котор, пред денешниот самит во Црна Гора.
„Разговарав со бројни европски претставници и партнери од регионот за клучни прашања за иднината на Западен Балкан, европскиот пат на нашите држави, како и за можностите за натамошно подобрување на соработката и зајакнување на меѓусебната доверба“, наведе Вучиќ.
Самитот во Тиват е посветен на проширувањето на Европската Унија, постепеното вклучување на земјите кандидати во заедничкиот европски пазар, укинувањето на роамингот меѓу ЕУ и Западен Балкан и спроведувањето на Планот за раст на регионот.
Посебно внимание се очекува да биде посветено на реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и зајакнувањето на демократските институции.
За Бугарија, едно од клучните прашања остануваат односите со Северна Македонија. Софија инсистира Скопје да ги исполни обврските од Преговарачката рамка, вклучувајќи ги и уставните измени, како услов за почеток на преговорите со ЕУ.
Во пресрет на самитот, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека во земјата нема услови за промена на Уставот, додека бугарските медиуми ја претставија неговата изјава како нова точка на несогласување со Софија.
Самитот во Тиват се гледа како важен политички сигнал од Брисел дека проширувањето останува стратешки приоритет на ЕУ во услови на засилени геополитички предизвици.
Настанот беше проследен и со безбедносни тензии, откако црногорските власти вратија чартер-лет од Белград со 87 српски државјани, оценувајќи дека нивното присуство би можело да претставува ризик за внатрешната и националната безбедност за време на самитот.
Според црногорските власти, кај дел од групата биле пронајдени комуникациска опрема и транспаренти со натпис „Србија победува“, поврзуван со политичката кампања на Вучиќ.
По инцидентот, Србија го засили граничниот надзор кон Црна Гора, што предизвика подолги задржувања на граничните премини.

