Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата преферира редовни парламентарни избори во 2028 година, но додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и за предвремени избори доколку тоа го бара опозицијата.
Говорејќи пред новинарите, Мицкоски рече дека партијата влегува во втората половина од мандатот и дека е политички разумно да биде подготвена за различни сценарија.
„Нашата опција која ја преферираме како влада се редовни избори во 2028 година, но сме подготвени секогаш како политичка партија, доколку тоа опозицијата го бара, да излеземе на терен и повторно да победиме“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека од следната недела ќе започнат разговори со коалициските партнери во рамки на најавената реконструкција на Владата, при што ќе се разговара за усогласеноста на политичките приоритети и визии.
По изјавата на премиерот реагираше СДСМ, оценувајќи дека Мицкоски повторно ја менува својата позиција во однос на можноста за предвремени парламентарни избори.
Од опозициската партија посочија дека со месеци власта тврдеше дека нема да има предвремени избори, а сега, според нив, остава впечаток дека тие би можеле да се случат многу побрзо.
СДСМ го обвини Мицкоски за недоследност и во однос на претходните ставови за Преспанскиот договор и членството во НАТО, тврдејќи дека неговите позиции се менуваат во зависност од политичките околности.
„Додека имаше простор за нови задолжувања тврдеше дека избори нема да има. Сега, кога можностите се ограничени, одеднаш изборите стануваат реална опција“, наведуваат од СДСМ.
Засега од Владата остануваат на ставот дека редовните парламентарни избори во 2028 година се преферираното сценарио, иако премиерот не ја исклучи можноста за предвремено излегување на гласање.

