Над 30 проценти од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија имаат зголемена телесна тежина, а речиси 14 проценти се соочуваат со екстремна дебелина, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје и Универзитетската клиника за детски болести.
Во обид да се одговори на растечкиот проблем, министерот за здравство Азир Алиу денеска го отвори Центарот за менаџирање и третман на обезност кај децата во рамки на Универзитетската клиника за детски болести.
„Отворањето на овој центар претставува исклучително важен и долгоочекуван чекор во нашиот здравствен систем. Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба која бара ран и мултидисциплинарен пристап“, изјави Алиу.
Во центарот ќе работи тим составен од педијатри-ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри, кои заеднички ќе работат со децата и нивните семејства.
Пристапот до услугите ќе се реализира преку системот „Мој Термин“. Матичните лекари и педијатри ќе ја евидентираат состојбата и, доколку е потребен специјалистички третман, ќе упатуваат пациенти до Одделот за ендокринологија со молекуларно-генетска дијагностика, во чиј состав функционира центарот.
Според Министерството за здравство, таму ќе се спроведуваат молекуларно-генетски, хормонални и метаболички испитувања со цел да се утврди причината за обезноста и да се подготви индивидуален план за лекување.
Здравствените власти предупредуваат дека навременото лекување на дебелината може да спречи сериозни последици во подоцнежниот живот, вклучувајќи дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, ортопедски нарушувања, како и психолошки проблеми поврзани со социјална изолација и стигматизација.

