9.8 C
Скопје
14 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Хегсет продолжува со чистката: Заминува и командантот на силите во Европа

Генералот Кристофер Донахју, командант на американските копнени сили во Европа и Африка, ќе ја напушти армијата и се очекува официјално да го објави своето пензионирање во наредните денови, јавија американски медиуми повикувајќи се на официјални извори.

Донахју, кој во последните 18 месеци ја предводеше командата задолжена за американските армиски операции во Европа и Африка, треба да ја предаде функцијата на церемонија следната недела.

Неговото заминување доаѓа во период кога американскиот министер за одбрана Пит Хегсет спроведува широка реорганизација на највисокото воено раководство, која вклучува смена или повлекување на повеќе високи офицери, меѓу кои и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Ренди Џорџ.

Според американски претставници, командата на американските копнени сили во Европа и Африка ќе биде намалена од позиција со четири ѕвезди на позиција со три ѕвезди, како дел од планот за намалување на бројот на генерали во вооружените сили.

Според американските воени правила, генерал со четири ѕвезди може да служи само на функција со ист ранг. Доколку нема слободна позиција, единствена опција е пензионирање.

За наследник на Донахју се очекува да биде предложен генерал-потполковник Кевин Адмирал, актуелен командант на Третиот оклопен корпус на Армијата на САД.

Донахју важи за еден од најискусните американски офицери. Во својата кариера командувал со елитната единица Делта Форс и со 82-та воздушно-десантна дивизија, а има и долгогодишно борбено искуство во американските операции во Ирак и Авганистан.

Пошироката јавност го запамети како последниот американски војник кој ја напушти Авганистан за време на повлекувањето на САД во август 2021 година. Тогаш беше фотографиран како се качува во транспортен авион C-17 на аеродромот во Кабул, со што симболично заврши дваесетгодишното американско воено присуство во земјата.

Во американските воени кругови Донахју долго време се сметаше за еден од најперспективните генерали и потенцијален иден началник на Генералштабот на Армијата.

Related posts

Петрушевски бара одговори: Кој го договарал тендерот од 18 милиони денари?

admin

Софија и Скопје го продлабочуваат јазот – Брисел алармира

admin

Избори со геополитички влог во Бугарија: Европа и односите со Русија во центарот на трката

admin

Мицкоски: Не јас, ЕСЧП кажа чии права се повредени

admin

Филипче: На Денот на Европа, Мицкоски треба да биде персона нон грата

admin

Ненад Чанак за КДП: Србија оди кон институционален и морален колапс

admin