20.7 C
Скопје
31 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кој е Борче Марковски, бизнисменот кој ја напуштил Македонија откако струшкиот суд му го врати пасошот?

Борче Марковски е битолски бизнисмен, сопственик на компанијата „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија од 2016 година. Во последните години неговото име се поврзува со едни од највредните јавни набавки во државната компанија ЕСМ, а сега е меѓу главните обвинети во предметот за наводни злоупотреби при јавни набавки во РЕК „Битола“.

Според обвинението на Основното јавно обвинителство Битола, Марковски, заедно со уште седум физички лица и неговата компанија, е обвинет за злоупотреби поврзани со јавна набавка вредна околу 1,7 милиони евра за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“.

Обвинителството тврди дека тендерските услови биле поставени така што ја фаворизирале „Марковски компани“, која била единствениот понудувач. Според обвинението, компанијата доставила документација дека работите се завршени, иако дел од опремата останала немонтирана во кругот на РЕК „Битола“. Во предметот се обвинети и повеќе тогашни раководители на комбинатот, кои, според обвинителството, потпишувале записници за извршени работи со што овозможиле исплата на средствата.

Обвинителството бара конфискација на околу 1,7 милиони евра, колку што бил исплатениот договор.

Во текот на истрагата, со меѓународна правна помош од Србија биле обезбедени 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград поврзан со Марковски. Дополнително, биле замрзнати повеќе од 500.000 евра на банкарски сметки во Македонија, како и десет товарни и приклучни возила регистрирани на негова фирма во Србија.

Според обвинителството, Марковски поседува две компании во Србија, кон кои биле префрлани финансиски средства, што било еден од аргументите за барањето за определување, а потоа и продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство.

Во меѓувреме, случајот доби нова димензија откако Основниот суд Струга му го врати пасошот врз основа на гаранција во имот. По оваа одлука, Марковски преку граничниот премин „Табановце“ ја напушти Македонија и отпатува во Србија, бидејќи против него немало активна мерка за забрана за напуштање на државата.

Подоцна Јавното обвинителство соопшти дека Основното јавно обвинителство Струга првично било против враќањето на пасошот, но по насока од Вишото јавно обвинителство Битола било дадено позитивно мислење.

Дополнително внимание привлече и фактот што само три дена по одлуката за враќање на пасошот, судијата Вулнет Винца, кој претседаваше со кривичниот совет што ја донесе одлуката, замина во старосна пензија.

Марковски и неговата компанија и претходно беа во фокусот на јавноста. Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, „Марковски компани“ била најголем добитник на јавни набавки во Северна Македонија во периодот 2019–2023 година, со 77 договори, од кои 66 биле склучени со ЕСМ, во вкупна вредност од околу 141 милион евра.

Судењето против Марковски и останатите обвинети, кое беше префрлено од Основниот суд Битола во Основниот суд Струга, треба да продолжи на 2 септември, кога се очекува почетокот на главната расправа. Според принципот на презумпција на невиност, сите обвинети се сметаат за невини додека нивната вина не биде докажана со правосилна судска одлука.

Related posts

Албанија: Социјалистите освојуваат четврти мандат – опозицијата во слободен пад!

admin

Арсовска разоткри 150 дивоградби во Чаир – директни обвинувања кон Ганиу!

admin

ВЛЕН застана зад Африм Гаши и го обвини СДСМ за блокади

admin

Македонска шлаканица за американската „црна листа“

admin

БЛАГОЈ НАЦОСКИ: СВЕДОЦИ СМЕ НА ИЗЖИВУВАЊЕ ВРЗ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И ДРЖАВА

ninja

Џезаири: Добро е ВМРО-ДПМНЕ да ги почека изборите а потоа да каже која партија не ја посакува во владата

admin