Судскиот совет денеска констатираше престанок на судиската функција на претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, поради исполнување на условите за старосна пензија, три дена откако кривичен совет со кој претседавал донел одлука да му го врати пасошот на бизнисменот Борче Марковски.
Марковски вчера ја напушти Македонија преку граничниот премин „Табановце“, откако претходно беше задржан за проверки. Министерството за внатрешни работи соопшти дека против него немало активна мерка за забрана за напуштање на државата, поради што му било дозволено да отпатува во Србија.
Претходно, Основниот суд Струга му го врати патниот документ откако прифати гаранција во имот вредна над пет милиони евра. Тогашниот претседател на Судот, Вулнет Винца, изјави дека според неговото толкување на законот, не можат истовремено да бидат активни и гаранција во имот и мерка за одземање на пасошот.
Винца денеска за „360 степени“ потврди дека токму тричлениот кривичен совет со кој претседавал ја донел одлуката за враќање на пасошот.
Тој рече дека не чувствува одговорност за одлуката, бидејќи судот постапувал врз основа на позитивно мислење од Јавното обвинителство.
„Не чувствувам одговорност. Добивме мислење од овластениот јавен обвинител. Ако обвинетиот не се врати на рочиштето закажано на 2 септември, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот“, изјави Винца.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство соопшти дека Основното јавно обвинителство Струга првично дало негативно мислење за укинување на мерката за одземен пасош.
По новото барање на одбраната, предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство Битола, кое наложило да се даде позитивно мислење за враќање на патната исправа.
Како аргументи биле наведени дека со претходно определената гаранција е намален ризикот од бегство, како и дека Марковски морал да отпатува во Србија поради работењето на компанија што ја поседува таму.
Обвинителството најави дека ќе ги испита сите околности поврзани со донесувањето на оваа одлука, но истакна дека во моментов Марковски не се смета за бегалец и дека има законска обврска да присуствува на следното рочиште.
Судскиот совет, пак, денеска го отфрли барањето на Винца за продолжување на судиската функција, бидејќи изјавата за продолжување на мандатот била поднесена по законскиот рок, а констатираше дека условите за старосна пензија ги исполнил на 18 јули.
Марковски е меѓу осумтемина обвинети во предметот за злоупотреби при јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милиони евра. Според обвинението, тендерот бил спроведен со услови што ја фаворизирале неговата компанија „Марковски компани“, а дел од опремата, иако била демонтирана и пренесена во Битола, никогаш не била монтирана.
Судењето, кое по одлука на Апелацискиот суд Битола беше префрлено од Основниот суд Битола во Основниот суд Струга, треба да продолжи на 2 септември, откако првото рочиште беше одложено поради промена на бранител кај еден од обвинетите.

