Германија и Франција ќе ја разгледаат можноста за развој на европска дигитална платформа за одбраната како алтернатива на американскиот Palantir, со цел да ја зајакнат европската технолошка сувереност, се наведува во заедничката декларација објавена по средбата на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Во декларацијата се наведува дека двете земји ќе работат на „европски суверен дигитален столб“, кој ќе вклучува решенија за вештачка интелигенција, обработка на податоци, сајбер-безбедност и облачни технологии. Како француски пример е посочена платформата Arcadia, додека Германија ќе понуди сопствени технолошки решенија.
Иницијативата доаѓа во време кога европските земји настојуваат да ја намалат зависноста од американската воена технологија и да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети. Покрај тоа, Берлин и Париз најавија и нова соработка за заеднички борбени системи, тенкови, ракети со долг дострел и вселенски технологии.
Што значи ова?
Во современите војни не одлучуваат само тенковите и авионите. Огромна улога имаат компјутерските системи што во реално време ги анализираат податоците од сателити, дронови, радари и разузнавачки служби, а потоа им помагаат на командантите да донесуваат одлуки.
Досега Европа во голема мера се потпираше на американски компании како Palantir. Новата германско-француска иницијатива има цел овие чувствителни воени информации да се обработуваат со европска технологија и да не зависат од американски софтвер. Тоа е дел од пошироката стратегија за „европска стратешка автономија“ – Европа сама да може да се брани и да развива критична технологија.
Покрај тоа, Франција и Германија најавија:
– заеднички развој на системи за противракетна одбрана
– истражувања за нова генерација тенкови со автономни функции
– соработка со Велика Британија за ракети со дострел до 2.500 километри
– поголема употреба на европски сателити и ракетите Ariane 6 за воени мисии.
Прва заедничка вежба
За првпат, германски војници ќе учествуваат и во француска вежба поврзана со нуклеарното одвраќање. Сепак, Макрон нагласи дека Франција ќе продолжи самостојно да го финансира и контролира својот нуклеарен арсенал.
Мерц истакна дека соработката нема да го замени НАТО, туку ќе го надополни, во време кога европските сојузници сè повеќе се подготвуваат за можноста САД во иднина да имаат помала безбедносна улога на континентот.
Критики кон Кина
Покрај безбедноста, двајцата лидери ја критикуваа и економската политика на Кина, оценувајќи дека државните субвенции и потценетата кинеска валута создаваат нелојална конкуренција и вршат силен притисок врз европската индустрија.

