Северноатлантскиот совет на НАТО остро ги осуди, како што наведе, „постојаните злонамерни сајбер активности“ на Русија, оценувајќи дека тие претставуваат закана за безбедноста на сојузниците и партнерите на Алијансата.
Во усвоената изјава, НАТО изрази солидарност со земјите-членки погодени од сајбер напади насочени кон критичната инфраструктура и државните институции.
Алијансата ги поздрави претходните реакции на Обединетото Кралство и Европската Унија, кои ги осудија овие активности и воведоа санкции против поединци и организации поврзани со руските сајбер операции.
„Ја повикуваме Русија да престане со овие дестабилизирачки активности, кои ги игнорираат меѓународно договорените норми за одговорно однесување на државите во сајбер просторот“, се наведува во соопштението.
НАТО истакна дека дополнително ја зајакнала својата сајбер одбранбена позиција преку интегрирање на сајбер капацитетите во операциите, мисиите и активностите на Алијансата.
Во соопштението се додава дека, како одговор на тековните руски сајбер кампањи против земјите-членки и Украина, НАТО ќе продолжи да ги зајакнува своите одбранбени способности и поддршката за Киев.
Алијансата порача дека е подготвена да го употреби „целосниот спектар на способности“ за одвраќање, одбрана и спротивставување на сите видови сајбер закани, додавајќи дека ќе реагира „во време и на начин што самата ќе го избере“, во согласност со меѓународното право.

