Десетици американски авиони за воздушно полнење гориво ќе бидат распоредени во бази на Израелските одбранбени сили (ИДФ) и на аеродромот Рамон во јужен Израел, како дел од засиленото американско воено присуство на Блискиот Исток, објави во неделата „Јерусалем пост“, повикувајќи се на безбедносни извори.
Според висок израелски безбедносен претставник, со доаѓањето на дополнителни американски сили ќе се интензивира и координацијата меѓу вооружените сили на двете земји, со цел да се скрати времето за премин од редовна во итна борбена готовност.
Извор од израелските воздухопловни сили изјавил дека викендов во Израел пристигнале 14 американски авиони-цистерни, додека во случај Вашингтон дополнително да ги прошири операциите против Иран, можно е дел од авионите да бидат стационирани и на аеродромот „Бен Гурион“.
Паралелно, американската војска префрла борбени авиони Ф-35 од Велика Британија и Ф-15 од Германија, вклучително и летала специјализирани за неутрализирање на противвоздушната одбрана и радарските системи.
Според извештајот, американската Централна команда (CENTCOM) во моментов ангажира повеќе од 20 воени бродови на американската морнарица и стотици авиони распоредени низ бази на Блискиот Исток за одржување на поморската блокада на иранските пристаништа и на Ормутскиот Теснец.
Локациите на американските специјални сили во регионот остануваат тајна поради чувствителноста на нивните операции.

