Во Европската унија во 2025 година биле регистрирани 1,89 милиони нови целосно електрични патнички автомобили, што претставува раст од 29,7% во споредба со претходната година, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Растот следува по падот во 2024 година, кога регистрациите на електрични автомобили се намалија за 6% во однос на 2023 година.
Вкупниот број целосно електрични патнички автомобили во ЕУ достигнал 7,59 милиони, што е 31,5% повеќе отколку во 2024 година, кога на европските патишта имало 5,77 милиони вакви возила.
Најголем раст меѓу алтернативните погони, покрај целосно електричните автомобили, забележале и плаг-ин хибридите, чии нови регистрации се зголемиле за 34,2%, достигнувајќи 1,03 милиони возила.
Во исто време, регистрациите на хибридни автомобили без можност за полнење пораснале за 13,4%, но со 3,62 милиони нови регистрации тие останале најпродаваната категорија нови автомобили во Европската унија.
Од друга страна, побарувачката за автомобили со мотори на фосилни горива продолжила да опаѓа.
Регистрациите на нови дизелски автомобили се намалиле за 22%, на 1,07 милиони, додека регистрациите на бензински автомобили паднале за 18,4%, на 2,98 милиони.
Податоците укажуваат дека европскиот автомобилски пазар продолжува да се движи кон електрификација, при што хибридните модели и натаму имаат најголем удел во новите регистрации, додека целосно електричните автомобили повторно бележат силен раст по привременото забавување во 2024 година.

