Европската Унија размислува да пренасочи дел од средствата од Планот за раст за Западен Балкан кон земјите што покажуваат најголем напредок во реформите, меѓу кои се Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на извори од Европската комисија.
Според информациите, средствата што не ги користат земјите кои не ги исполнуваат обврските од своите реформски агенди, како Босна и Херцеговина, Србија и Косово, би можеле да бидат пренаменети за државите што покажуваат подобри резултати.
Планот за раст за Западен Балкан, воспоставен во 2024 година, предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, со цел забрзување на економскиот развој и реформите поврзани со пристапувањето во Европската Унија.
Досега се исплатени околу 673 милиони евра, при што најголем дел од средствата се насочени кон Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, кои во Брисел се оценуваат како најуспешни во исполнувањето на реформските обврски.
„Како што е предвидено во регулативата, доколку реформските чекори не се исполнат и истече предвидениот грејс-период, соодветните средства можат да бидат прераспределени меѓу другите корисници“, изјавил портпарол на Европската комисија за „Еуроњуз“.
Според извештајот, Босна и Херцеговина би можела да биде најпогодена од евентуалната прераспределба, бидејќи досега не добила средства поради неисполнување на потребните услови, додека Србија и Косово, иако веќе добиле одредени исплати, исто така ризикуваат да изгубат дел од планираната поддршка.
Европската комисија ќе спроведе сеопфатна проценка на исполнувањето на реформските обврски до крајот на јуни 2026 година, а подетални информации за евентуалната прераспределба на средствата се очекува да бидат доставени до земјите членки во текот на овој месец.
Премиерот Христијан Мицкоски на 30 јуни ги информираше амбасадорите на земјите членки на ЕУ за напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, оценувајќи дека земјата бележи значителен напредок во исполнувањето на европските обврски.
Европската комисија, според „Еуроњуз“, останува на ставот дека финансиската поддршка од Планот за раст е условена од конкретни резултати, а не од политички ветувања.

