Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Одборот за мир постигнал договор со Хамас за „целосно разоружување“ на палестинската милитантна група и другите вооружени организации во Појасот Газа, оценувајќи дека тоа претставува клучен чекор кон завршување на војната.
Висок претставник на Хамас за Би-Би-Си потврдил дека движењето го прифатило планот и најавил дека официјално соопштение ќе биде објавено наскоро.
Според Трамп, договорот е дел од втората фаза на мировниот план посредуван од САД, кој предвидува разоружување на Хамас, повлекување на израелските сили од Газа и реконструкција на палестинската енклава.
„Израел ќе се повлече од Газа како што ќе се одвива процесот на разоружување. Тоа е клучен чекор кон воспоставување нова палестинска власт што ќе управува со Газа“, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Тој додаде дека меѓународни стабилизациски сили, во соработка со нова палестинска полиција, ќе бидат задолжени за безбедноста во Газа и им се заблагодари на Египет, Катар и Турција за посредничката улога.
Американски претставник изјави дека Вашингтон очекува Израел да остане доследен на мировниот план што претходно го прифатил, додавајќи дека администрацијата би била „многу разочарана“ доколку Израел одбие да се повлече по завршувањето на разоружувањето.
Според текстот на договорот, во кој увид имал Би-Би-Си, тешкото оружје на Хамас ќе биде евидентирано и складирано под палестински надзор. Планот предвидува прво да бидат разоружани помалите вооружени групи, а потоа постепено да се демонтира воената инфраструктура на Хамас, вклучувајќи тунели, складишта за оружје и производствени капацитети.
Американските претставници велат дека механизмот е изграден врз принципот на „нула доверба“, при што ниту една страна нема да премине во следната фаза сè додека другата не ги исполни своите обврски.
И покрај најавите од Вашингтон, Израел сè уште официјално не го прифатил договорот. Израелски медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека предложените услови не ги исполнуваат барањата на владата во Ерусалим, а израелски функционер оцени дека договорот е неприфатлив во сегашната форма.
Во Каиро во наредните денови се очекува средба на посредниците од САД, Египет, Катар и Турција, на која ќе се разговара за следните чекори во имплементацијата на договорот.
Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските власти, беа убиени околу 1.200 лица, а 251 беа земени како заложници. Израел одговори со голема воена офанзива во Газа, при што, според Министерството за здравство во Газа, загинале повеќе од 73.000 Палестинци. Овие бројки не можат независно да бидат потврдени, но Обединетите нации ги сметаат за генерално веродостојни.

