Масовниот погреб на поранешниот ирански врховен лидер Али Хамнеи претставуваше повеќе од национално збогување. Според регионални претставници, дипломати и аналитичари, Техеран преку милионската поворка испрати порака до САД и Израел дека обидот да ја скршат Исламската Република не успеал.
Наместо ослабен по војната што започна со американско-израелските напади на 28 февруари, Иран се претстави како обединета и отпорна држава, подготвена да ги диктира условите во следната фаза од регионалната политика.
Според аналитичарите, Техеран сега настојува своето преживување во војната да го претвори во дипломатска предност, особено околу Ормутскиот теснец – еден од најважните светски поморски коридори низ кој поминува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас.
Иако 60-дневното примирје требаше да создаде услови за обновување на преговорите за иранската нуклеарна програма, дипломатите оценуваат дека Иран во меѓувреме го префрлил фокусот кон зацврстување на својата позиција во Ормутскиот теснец.
„Ормут е дијамантот. Олеснувањето на санкциите е само лижавче“, изјави Алекс Ватанка од американскиот Институт за Блискиот Исток, алудирајќи на стара персиска поговорка.
Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф неодамна изјави дека Ормутскиот теснец е „најголемото средство на Иран“ и дека земјата „под никакви околности нема да се откаже од своите права“ во тој регион.
Поранешниот американски дипломат Алан Ејр смета дека Техеран намерно ги одолговлекува преговорите бидејќи времето работи во негова корист.
„Иран е подготвен да чека. Контролата врз Ормутскиот теснец е поважна од самите разговори за нуклеарната програма“, рече Ејр.
Според него, иранското раководство проценува дека американскиот претседател Доналд Трамп има поголем политички интерес брзо да постигне договор отколку што Иран има потреба да прави отстапки.
Поранешниот американски преговарач за Блискиот Исток, Арон Дејвид Милер, оцени дека воената кампања не успеала да ја намали стратешката предност на Иран.
„Иран нема да се врати сериозно на нуклеарното прашање сè додека не биде уверен дека новата реалност околу Ормутскиот теснец е прифатена“, изјави Милер.
Аналитичарите оценуваат дека новата стратегија на Техеран покажува оти по војната тежиштето на преговорите постепено се поместува од нуклеарната програма кон контролата врз клучните енергетски и транспортни коридори на Блискиот Исток.

