Плановите на Џаред Кушнер и Иванка Трамп за изградба на луксузен туристички комплекс вреден околу две милијарди евра на албанскиот брег предизвикаа масовни протести, политички потреси и дебата за иднината на една од највредните природни области на Јадранот.
Според репортажа на „Фајненшл тајмс“, проектот во заштитената област Звернец, позната по своите лагуни, пеликани и илјадници фламинга, прерасна во симбол на поширокото незадоволство од урбанизацијата, корупцијата и управувањето со природните ресурси во Албанија.
Весникот наведува дека Џаред Кушнер и Иванка Трамп ја откриле областа пред пет години, додека пловеле со јахта покрај албанскиот брег. Денес, според сведоштва на локални жители и активисти цитирани од ФТ, делови од заштитеното подрачје веќе се расчистени, а изградбата на пристапна инфраструктура започнала во мај.
Проектната документација, до која дошол ФТ, предвидува изградба на хотели, луксузни вили, стотици апартмани, голф-терен, воден парк, казино и марина за јахти, со повеќе од 700.000 квадратни метри изградена површина.
Изградбата стана можна по законските измени усвоени во Албанија во 2024 година, со кои се дозволува развој на туристички проекти од највисока категорија во заштитени природни подрачја.
Според ФТ, протестите избувнале откако на социјалните мрежи се појавило видео на кое локален жител насилно бил отстранет од приватно обезбедување. Демонстрациите, познати како „Фламинго револуција“, траат со недели и привлекуваат илјадници граѓани.
„Ова е најдивиот дел од Јадранот. Овде се размножуваат морските желки. Тоа е едно од најмагичните места што ги имаме“, изјавил еколошкиот активист Јони Ворпси.
Дополнителен политички потрес предизвикала пратеничката Марјана Кочеку, која ја напушти владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама поради поддршката за проектот и стана единствениот независен пратеник во албанскиот парламент.
„Нашите родители нè воспитуваа со идејата дека среќата е надвор од Албанија. Но протестите покажуваат дека младите почнуваат да ја гледаат својата земја како место за живот, а не како место што треба да го напуштат“, изјавила Кочеку.
Весникот наведува дека покрај проектот во Звернец, инвеститорите планираат дополнителна инвестиција од околу две милијарди евра на островот Сазан, поранешна воена база во Јадранското Море.
Сепак, поранешниот командант на албанската морнарица Артур Мечолари изјавил дека островот има сериозни инфраструктурни ограничувања, меѓу кои и неексплодирани мини и недостиг од вода.
Во меѓувреме, Европскиот парламент повика на мораториум за нови градежни проекти во заштитените подрачја во Албанија и побара преиспитување на законските измени што ја овозможија изградбата.
Според ФТ, спорот околу Звернец веќе ја надмина рамката на еколошки протест и прерасна во поширока дебата за тоа кој одлучува за иднината на Албанија – локалните заедници, државата или глобалниот капитал.

