Албанија денеска ќе ја одржи деветтата Меѓувладина конференција со Европската Унија, на која се очекува официјално да ги затвори преговорите за три нови поглавја во процесот на пристапување.
Албанскиот премиер Еди Рама ќе ја предводи државната делегација на состанокот во Брисел, кој е дел од преговарачкиот процес за членство во Европската Унија.
Според агендата, Меѓувладината конференција ќе започне во 19 часот, а по неа е предвидена заедничка прес-конференција.
Се очекува земјите-членки на ЕУ да го потврдат затворањето на три поглавја:
Поглавје 25 – Наука и истражување
Поглавје 26 – Образование и култура
Поглавје 31 – Надворешни односи.
Затворањето на овие поглавја се смета за нов чекор во напредокот на Албанија кон членство во Европската Унија и одраз на оценката дека земјата ги исполнува потребните критериуми во овие области.
Албанија во последните месеци го забрза пристапниот процес, а Европската комисија повеќепати оцени дека земјата бележи континуиран напредок во усогласувањето со европското законодавство и стандардите на Унијата.

