Бугарската Државна безбедност (ДС) во 1968 година предложила до советскиот КГБ план за атентат врз поранешниот грчки премиер Константинос Караманлис со пакет-книга во која би бил скриен експлозив, покажуваат декласифицирани бугарски архивски документи.
Според истражувањето објавено во грчкиот весник „Катимерини“, планот бил дел од серија таканаречени „активни мерки“ насочени кон дестабилизација на Грција, грчко-турските односи и југоисточното крило на НАТО во екот на Студената војна.
Документот, означен како строго доверлив и датиран на 12 март 1968 година, предвидувал пакет испратен од Велика Британија до Караманлис, кој тогаш живеел во политички егзил во Париз. Според планот, експлозивната направа требало да биде скриена во книга, бидејќи таквата пратка би предизвикала помал сомнеж при испораката.
Архивите покажуваат дека бугарските служби проценувале оти атентатот, дури и доколку не успее, ќе предизвика политичка нестабилност, ќе ги продлабочи поделбите во Грција и ќе ја наруши довербата меѓу западните сојузници.
Во истиот документ биле предложени и други операции, меѓу кои поставување бомба во турскиот конзулат во Солун, сместен во поранешната родна куќа на Мустафа Кемал Ататурк, како и напади врз верски објекти во Грција и Турција со цел тие да бидат припишани на националистички групи од спротивната страна.
Авторот на анализата, Аргириос Тасулас од Универзитетот во Атина, наведува дека КГБ на крајот не ги прифатил бугарските предлози. Во тоа време Советскиот Сојуз се подготвувал за интервенцијата во Чехословачка и не сакал дополнително да ги зголемува тензиите со земјите членки на НАТО.
Караманлис во тоа време бил сметан за потенцијален лидер кој би можел да ја обедини прозападната опозиција против воената хунта што ја презеде власта во Грција по пучот во април 1967 година.
Истражувањето се темели на архивите на бугарската Комисија за откривање на документите на поранешната Државна безбедност, формирана во 2006 година, која во последните години објави десетици томови со декласифицирани материјали за операциите на источниот блок за време на Студената војна.

