25.8 C
Скопје
8 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Клинч за Изборниот законик: Власта инсистира на дијаспората, опозицијата зборува за изборен грабеж

Власта и опозицијата остануваат на спротивставени позиции околу измените на Изборниот законик, откако електронското гласање на дијаспората стана главна точка на спор, а во Собранието се обработуваат повеќе од 13.000 амандмани поднесени од опозициските партии.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и во средата ја обвини опозицијата дека во последен момент се повлекла од договорените решенија и дека се спротивставува на можноста дијаспората да гласа по електронски пат на претседателските избори.

„Единственото нешто што го побаравме беше нашата дијаспора да може електронски да гласа на следните претседателски избори“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги опозициските партии да ги повлечат илјадниците амандмани и да предложат измени само за спорните технички прашања.

Од СДСМ, пак, обвинија дека предлогот за електронско гласање отвора простор за изборни злоупотреби и дека партијата нема да поддржи решение кое, според нив, не гарантира целосна контрола и транспарентност на изборниот процес.

Левица, која поднесе околу 3.500 амандмани, оцени дека власта се обидува да го протурка Изборниот законик без политички консензус и повтори дека електронското гласање не било дел од препораките на меѓународните организации.

„Самото електронско гласање се појави на преговарачката маса во последен момент. Тоа не е препорака ниту на ИФЕС, ниту на ОБСЕ/ОДИХР“, соопшти партијата.

Покрај амандманите на Левица, во собраниските служби се обработуваат и повеќе од 10.000 амандмани поднесени од пратеничката група на СДСМ, што дополнително го усложнува процесот на усвојување на законот.

Владејачкото мнозинство тврди дека предложените измени се дел од реформските обврски на земјата во рамки на европската интеграција, додека опозицијата предупредува дека измените можат да доведат до нарушување на изборниот интегритет.

Со оглед на бројот на амандмани и непроменетите позиции на политичките партии, изгледите за брз политички договор околу Изборниот законик остануваат неизвесни.

Related posts

Кој стави дамка на најважниот настан во државата – еден од најголемите донатори на ДУИ кој ја доби набавката, Османи или јавноста?

admin

Русија регрутира нови 160.000 војници: За што се подготвува Путин?

admin

Алармантно: За 24 часа околу 110.000 сообраќајни прекршоци

admin

Дали се реални ветувањата за повисоки пензии?

admin

ОПОЗИЦИЈАТА БАРА ОСТАВКА ОД СПАСОВСКИ ПО ВЧЕРАШНОТО УБИСТВО ВО КАФУЛЕ ВО СТАРАТА ЧАРШИЈА

ninja

„Измислен судир меѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се сокрие вистината?“ СДСМ обвинува за таен план за мигранти

admin