Земјотрес со магнитуда од 7,1 ја погоди јужната јапонска префектура Кумамото во вторникот, при што беа оштетени патишта и згради, илјадници домаќинства останаа без електрична енергија, а повеќе лица се водат како исчезнати по експлозија и делумно уривање на трговски центар.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека властите сè уште го проценуваат целосниот обем на штетата во регионот, кој пред една деценија беше погоден од смртоносен земјотрес.
„Веќе сме информирани дека има повредени. Во некои области има прекини во снабдувањето со електрична енергија и пожари, а оштетени се патишта и мостови и урнати се објекти“, рече Такаичи.
„Ги повикувам сите да преземат мерки за сопствена заштита, вклучително и евакуација на безбедно место“, додаде таа.
Околу 300.000 луѓе добиле инструкции да се упатат кон центрите за евакуација, а стотици припадници на вооружените сили биле распоредени за да помогнат во спасувачките операции. Во регионот продолжиле да се регистрираат последователни потреси.
Според јапонскиот јавен сервис НХК, меѓу 20 и 30 работници во најголемиот трговски центар во префектурата се водат како исчезнати по експлозијата што се случила по земјотресот. Противпожарните служби претходно соопштија дека повеќе лица се заробени во објектот.
Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека има загинати или лица за кои се претпоставува дека починале, но тие информации не беа веднаш независно потврдени.
Една страна од трговскиот центар, во кој има околу 200 продавници, била целосно откорната, а метални конструкции и урнатини биле расфрлани низ паркингот. Спасувачки екипи со амбулантни и противпожарни возила трагаа по преживеани.
Претставник на компанијата „Аеон“, која управува со трговскиот центар, изјави дека купувачите и вработените биле евакуирани веднаш по првиот потрес и дека причината за експлозијата сè уште не е позната. Властите ја испитуваат можноста за експлозија на гас.
Казуја Цурунага, кој се наоѓал во локал на околу 300 метри од трговскиот центар, изјави дека експлозијата предизвикала силен удар.
„Тоа беше огромен удар. Се крена голем облак од чад, а поради ветерот изгледаше како насекаде да паѓа вулканска пепел“, рече тој.
Повеќе лица се водат како исчезнати и по уривањето на оџак во фабрика на „Нипон пејпер индустрис“, објави НХК. Две болници примиле по повеќе од 50 повредени, од кои некои се во тешка состојба.
Повредени имало и меѓу патниците во брзите возови кои сообраќале во моментот на земјотресот.
Властите соопштија дека интервенираат на повеќе локации каде што објекти делумно се урнале или биле зафатени од пожар. Едно лице загинало при уривање на зграда во населено место во близина на епицентарот, објави телевизијата „Асахи“.
Големи пукнатини се појавиле на главните патишта, железничкиот сообраќај бил прекинат, а повеќе летови биле откажани или пренасочени.
Производителите на полупроводници и електроника ТСМЦ, „Сони“ и „Фуџифилм“ ги евакуирале работниците од своите погони. ТСМЦ соопшти дека неговата фабрика не била оштетена и дека производството постепено продолжува.
„Токио електрон“ ги запре операциите во две фабрики во Кумамото, додека „Хонда“ привремено го прекина производството во фабриката за мотоцикли во регионот.
Епицентарот бил на околу 20 километри јужно од градот Кумамото, најголемиот град во централниот дел на островот Кјушу, со околу 700.000 жители.
Јапонската метеоролошка агенција ги предупреди жителите дека во следната недела се можни нови силни потреси и свлечишта. По главниот удар биле регистрирани околу 100 послаби земјотреси.
Предупредувањето за цунами, издадено веднаш по потресот, подоцна било повлечено.
Електроенергетската компанија „Кјушу електрик пауер“ соопшти дека околу 48.000 домаќинства останале без електрична енергија. Железничката компанија „Џеј-ар Кјушу“ ги суспендираше услугите, вклучително и брзите возови, а аеродромот во Кумамото ја затвори пистата.
Мобилните оператори КДДИ и „Докoмо“ пријавија прекини во комуникациските услуги поради недостиг од електрична енергија и оштетување на преносните линии.
Јапонската агенција за нуклеарна регулација соопшти дека не се регистрирани неправилности во нуклеарните централи во поширокиот регион.
Во земјотресот што го погоди Кумамото пред 10 години загинаа 275 лица, а 2.739 беа повредени. Во тогашната катастрофа беа оштетени илјадници објекти, меѓу кои и познатиот замок во Кумамото.
Делови од камените ѕидови на замокот повторно се урнале во вторникот, соопшти претставник на управата.
Властите предупредија и на опасност од топлотен удар, бидејќи илјадници домаќинства останаа без електрична енергија, а температурите во среда се очекува да достигнат 34 Целзиусови степени.


