23.6 C
Скопје
30 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Скопје 2028“ под оган: Антикорупциска, невладини и опозицијата алармираат за закон без тендери

Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој се разгледува по скратена постапка во Собранието, отвори сериозна дебата околу начинот на кој ќе се управува со проектот вреден околу 21 милион евра.

Најголем дел од реакциите се однесуваат на членот 21 од предлог-законот, со кој се предвидува Фондацијата што ќе го реализира проектот да не ги применува одредбите од Законот за јавните набавки при значителен дел од набавките.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупреди дека секое законско решение со кое се ограничува примената на системските закони, особено Законот за јавните набавки, мора да биде детално образложено и да содржи силни механизми за спречување корупција и злоупотреба на јавните средства.

Комисијата потсети дека Националната стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 веќе ги препознава законите донесени по скратена постапка кои ги заобиколуваат системските прописи како висок ризик од корупција.

Слична реакција испрати и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која бара повлекување на законот од собраниска процедура и отворање јавна расправа преку ЕНЕР.

Според организациите, фондацијата ќе биде финансирана со државни, локални и европски средства, па затоа треба да има статус на договорен орган кој задолжително ќе го применува Законот за јавните набавки.

Платформата предупредува дека не станува збор само за исклучок за авторски и уметнички услуги, туку и за можност без јавни тендери да се набавуваат стоки, услуги, опрема, па дури и инфраструктурни и градежни работи, за кои постои пазарна конкуренција.

Дополнително, организациите укажуваат дека предлог-законот му дава широка дискреција на градоначалникот на Скопје при именувањето на органите на Фондацијата, без јасно утврдени критериуми и постапка за избор на директор и членови на управните тела.

Левица: Директор е назначен пред да постои фондацијата

Од Левица тврдат дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го назначил поранешниот директор на Македонската радио-телевизија, Марјан Цветковски, за директор на фондација која, според нив, во моментот на именувањето сè уште не била правно основана.

Партијата наведува дека според самиот предлог-закон директорот треба да го именува Управниот одбор на фондацијата, а не градоначалникот, па затоа прашува врз која законска основа е направено именувањето.

СДСМ: Закон за трошење милиони без тендери

Од СДСМ оценуваат дека со предложеното решение се отвора можност околу 21 милион евра јавни средства да се трошат без примена на Законот за јавните набавки.

Според партијата, тоа претставува опасен преседан кој би можел да се користи и за други проекти прогласени за приоритетни, поради што бараат законот да биде повлечен.

Титулата „Европска престолнина на културата 2028“ Скопје ја доби во 2023 година по одлука на експертската комисија на Европската комисија.

Иницијативата започна во мандатот на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, кандидатурата беше поднесена за време на Петре Шилегов, а финалната презентација пред европската комисија ја реализираше тимот на тогашната градоначалничка Данела Арсовска.

Проектот предвидува богата културна програма во текот на 2028 година, а средствата ќе се обезбедуваат од државниот буџет, Буџетот на Град Скопје, општините, европски фондови, како и од донации и спонзорства. Сепак, начинот на нивното трошење останува главната точка на спор меѓу власта, опозицијата и антикорупциските организации.

Related posts

Села ја завршува соработката со Ахмети – крај на коалицијата НАИ

admin

Сите бегалци од правдата и селективната ефикасност на системот

admin

Родителите на жртвите од „Пулс“ бараат враќање на обвинителката Трајчева

admin

Иван Анушиќ: Политичката нестабилност и неизвесноста се високи на целиот Западен Балкан

admin

Европјаните сè повеќе штедат, а сè помалку трошат – што покажуваат најновите бројки?

admin

Од понеделник – тајните што никој не сака да ги открие, Арсовска најавува бомби!

admin