Водата од гостиварскиот водовод сè уште не е безбедна за пиење и приготвување храна и може да се користи само како техничка, изјави во вторникот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи.
Тошковски, кој раководи со Управувачкиот комитет, рече дека квалитетот на водата и понатаму варира и дека нема услови таа да биде прогласена за здравствено исправна.
„Сè уште ја имаме истата фактичка состојба во поглед на квалитетот на водата. Немаме вода за која може да соопштиме дека е исправна. Остануваме на истите препораки од претходно“, рече Тошковски.
Според него, водата ќе биде прогласена за безбедна дури откако ќе бидат добиени три последователни позитивни резултати од сите мерни точки во градот.
Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и експерти од јавните водоводни претпријатија ќе вршат почести контроли на водата.
„Штом ќе имаме три последователни исправни резултати на сите мерни точки, ќе ги известиме граѓаните дека водата може да се користи и за пиење“, изјави тој.
Откриена бактеријата
На прес-конференцијата беше соопштено дека во дел од земените примероци е откриена бактеријата Pseudomonas, која може да се развие како биофилм во цевководите поради застојување на водата и намалена употреба на системот.
Надлежните рекоа дека се преземаат мерки во согласност со протоколите, вклучувајќи зголемување на концентрацијата на хлор кај каптажата и испирање на водоводната мрежа.
Тошковски рече дека во моментов се врши хиперхлорирање до максимално дозволеното ниво и дека присуство на хлор е регистрирано и кај крајните корисници.
Тој ги повика граѓаните подолго време да ја оставаат водата да тече од чешмите, со цел побрзо испирање на примарните и секундарните цевководи.
Иако водата е дозволена за техничка употреба, Тошковски повтори дека не смее да се употребува за пиење или готвење.
Продолжува доставата на пакувана вода
До стабилизирање на состојбата, Владата ќе продолжи да доставува пакувана вода до жителите на Општина Гостивар.
Според Тошковски, досега биле доставени околу 580.000 литри вода, а дополнителни количини се обезбедуваат преку општини и општествено одговорни компании.
Запрашан за информациите дека пациенти од гостиварската болница се упатуваат на операции и породувања во Тетово поради проблеми со стерилизацијата, Тошковски рече дека, според податоците со кои располага, болницата во Гостивар е целосно оперативна.
Тој најави дека информациите дополнително ќе бидат проверени и дека јавноста ќе биде известена доколку се утврдат проблеми со условите или снабдувањето во болницата.

