Јавната потрошувачка за образование во Европската Унија во 2023 година изнесувала 4,7% од бруто-домашниот производ, непроменето во однос на претходната година, но за 0,3 процентни поени под нивото од 2020 година, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Најмногу за образование, мерено како удел во БДП, издвојувала Шведска – 6,8%, по што следуваат Финска со 6,3%, Белгија со 6,2% и Данска со 6,1%.
Европа троши милијарди за образование, но разликите меѓу земјите се огромни
На спротивниот крај се Романија со 3,0%, Грција со 3,3%, Малта со 3,4% и Унгарија со 3,6%.
Податоците опфаќаат јавно финансирање на образованието од предучилишно до високо образование и покажуваат големи разлики меѓу европските земји во тоа колкав дел од економијата го насочуваат кон училиштата, универзитетите, наставниот кадар и поддршката за учениците и студентите.
Во 2023 година, најголем дел од вкупните расходи за образование во ЕУ биле насочени кон основното и нижото средно образование – 40,5%. Високото образование учествувало со 26,3%, средното и постсредното невисоко образование со 21,2%, а предучилишното образование со 12%.
Разликите стануваат уште поголеми кога се гледа трошењето по ученик или студент.
Во повеќето земји на ЕУ, просечните годишни трошоци по ученик или студент се движеле од 3.754 евра во Бугарија до 15.323 евра во Данска. Луксембург значително отстапува со 27.531 евро по ученик или студент, додека Романија е под европскиот опсег со 2.775 евра.
Во повеќето земји најскапо е високото образование, каде трошоците по студент се повисоки поради наставниот кадар, инфраструктурата, лабораториите и истражувањето.
Евростат посочува дека намалувањето на бројот на деца поради нискиот наталитет и стареењето на населението веќе влијае врз образовните системи. Помал број ученици може статистички да ја зголеми потрошувачката по ученик дури и ако вкупниот буџет не расте.
Големи се разликите и во директната финансиска помош за студентите.
Просечно во ЕУ, државната помош за студентите во високото образование во 2023 година изнесувала 1.801 евро по студент. Во Данска таа достигнувала 8.204 евра, додека Ирска, според податоци за 2022 година, била на 8.300 евра.
Над 3.000 евра по студент обезбедувале и Шведска, Холандија и Германија.
На другиот крај, Латвија обезбедувала само девет евра директна финансиска помош по студент.
Разликите не се само финансиски, туку го одразуваат и различниот модел на образование. Во дел од земјите студентите добиваат високи стипендии и поволни јавни кредити, додека во други системи поддршката се обезбедува преку ниски или непостоечки школарини, субвенциониран превоз, сместување или даночни олеснувања.
Податоците на Евростат покажуваат и дека државата останува главниот финансиер на образованието во Европа. Во Луксембург јавните средства покривале 94,8% од вкупното финансирање на образованието, додека во Грција уделот бил 64%.
Приватното финансирање било особено високо во Грција и Кипар, каде домаќинствата и другите приватни извори покривале повеќе од една четвртина од образовните расходи.
Северот вложува повеќе, истокот заостанува
Податоците повторно ја покажуваат јасната географска поделба во Европа.
Нордиските држави се меѓу земјите што издвојуваат најголем дел од својата економија за образование, додека дел од земјите во Југоисточна и Источна Европа остануваат значително под нив.
Тоа е особено важно за земјите од Западен Балкан, каде образовните системи паралелно се соочуваат со иселување на младите, намалување на бројот на ученици, недостиг од наставен кадар и потреба од подобрување на квалитетот на наставата.
Во поширок контекст, Евростат оценува дека вложувањето во образованието има директно значење за продуктивноста, економскиот раст, социјалната мобилност и намалувањето на нееднаквоста.
Европскиот просек од 4,7% од БДП затоа не покажува само колку пари се трошат, туку и колкав приоритет владите му даваат на човечкиот капитал во услови на демографско стареење и засилена глобална конкуренција.

