Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 2 Август – Денот на Републиката порача дека Илинден и АСНОМ не се само историски настани, туку трајни темели врз кои треба да се гради иднината на државата.
„Историјата не бара од нас да ги повторуваме чекорите на илинденците и асномците, туку да ја покажеме истата храброст што тие ја покажаа. Секоја генерација има свој Илинден“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека денешната генерација има задача да ја зачува Македонија како силна, праведна и просперитетна држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства и да ја градат својата иднина.
Според него, Македонија низ историјата успевала кога била обединета околу заедничка цел.
„Има нешто што е поголемо од секоја партија, од секоја функција и од секој мандат – тоа е Македонија“, истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека денешната борба не е „против некого“, туку за институции што ќе бидат посилни од поединците, закон што ќе биде посилен од привилегиите и општество во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската припадност.
Во завршницата од говорот тој повика на единство, достоинство и истрајност.
„Никогаш да не отстапиме од идеалите на Илинден и АСНОМ, затоа што тие не се само дел од нашето минато, туку темелот врз кој ја градиме иднината на Македонија“, порача Мицкоски.
Тој говорот го заврши со пораките: „Нека живее вечниот дух на Илинден. Нека живее државотворната мисла на АСНОМ. Нека живее нашата единствена татковина Македонија.“

