Бројот на провали во приватни домови во Европската унија е намален за 38,1 отсто во периодот од 2014 до 2024 година, покажуваат најновите податоци на Евростат објавени во понеделник.
Во 2024 година полицијата во земјите-членки регистрирала околу 1,20 милиони кривични дела поврзани со провали, од кои 721.876, или 60,3 проценти, биле провали во приватни станбени објекти.
Во споредба со 2023 година, вкупниот број на провали е намален за 2,6 проценти или 32.589 случаи, додека бројот на провали во домови е намален за 0,5 проценти, односно за 3.736 случаи.
Според статистиката, бројот на провали бележи континуиран пад од 2014 година, кога биле регистрирани 1,86 милиони случаи. Најниско ниво било достигнато во 2021 година, со околу 1,1 милион регистрирани провали, по што следувал благ пораст во наредните две години.
Сличен тренд е забележан и кај провалите во приватни домови. Од 1,17 милиони случаи во 2014 година, нивниот број се намалил на 642.244 во 2021 година – најниско ниво во последната деценија – а потоа повторно умерено се зголемил.
Евростат наведува дека податоците се засноваат на полициски евидентирани кривични дела и предупредува дека споредбите меѓу земјите треба да се прават внимателно, бидејќи разликите во законодавството, полициските практики и пријавувањето на кривичните дела можат да влијаат врз статистиката.

