Обвинението против поранешниот вицепремиер Артан Груби за случајот „Државна лотарија“ почна да произведува политички последици и внатре во ДУИ, откако партиски активисти, поранешни функционери и медиумски кругови блиски до партијата јавно го отворија прашањето зошто поранешниот висок функционер останал без повидлива поддршка од довчерашните сопартијци.
Против Груби, поранешниот директор на Државната лотарија Прпарим Бајрами и уште шест лица е поднесено обвинение за злоупотреби од околу 8,2 милиони евра. Груби е во куќен притвор, а судскиот процес треба да почне на 24 август.
Иако ДУИ формално реагираше на обвинението, партијата во првичното соопштение не го спомена директно името на Груби. Наместо тоа, оцени дека станува збор за „апсурдно политичко обвинение за колективна одлука“ и побара транспарентен процес и меѓународен надзор.
Токму таквиот пристап отвори нова дебата во и околу партијата.
Партискиот активист Артин Спахиу јавно оцени дека Груби и неговото семејство се оставени сами во битката и дека функционерите кои со години биле блиски до него не покажале доволно човечка и политичка солидарност.
Спахиу го критикуваше тесниот круг во раководството на ДУИ, нарекувајќи го „политбиро“, и потсети дека дел од сегашните функционери ги изградиле своите позиции токму со поддршката на Груби по партискиот конгрес во 2019 година.
Слична порака испрати и новинарот Рами Мислими, кој праша зошто високите функционери на ДУИ не покажале јавна солидарност со човек со кого со години ја делеле власта, одлучувањето и политичката одговорност.
Неговата поента е дека поддршката не мора да значи мешање во судството, туку јавно покажување политичка и човечка солидарност додека институциите ја утврдуваат евентуалната кривична одговорност.
Ќерими: Дали повторно се повторува историјата?
Во дебатата се вклучи и Рами Ќерими, поранешен државен секретар во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во периодот кога со ресорот раководеше Груби.
Во објава на Фејсбук, Ќерими го отвори прашањето дали случајот против Груби е исклучиво правен процес или постои ризик од политичка инструментализација.
Тој направи паралела со искази и материјали поврзани со поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, но нагласи дека историските примери сами по себе не претставуваат доказ дека актуелниот предмет е монтиран.
Според Ќерими, тие сепак потсетуваат дека правосудните механизми можат да бидат злоупотребени доколку политичкиот притисок, институциите, медиумската кампања и јавното мислење однапред создадат слика за виновник пред судот да донесе одлука.
Тој посочи на должината на постапката против Груби и тврдењето дека по 21 месец е променета правната квалификација на делото.
„Ако по 21 месец се менува членот, односно и правната квалификација врз која се гради обвинението, што се случувало во целиот тој период?“, прашува Ќерими.
Според него, суштинското прашање е дали институциите ја барале правната вистина или барале правна основа што ќе го одржи процесот кој, според неговата оценка, веќе бил политички и медиумски натоварен.
Ќерими додава дека во нормален демократски систем обвинителството треба да го гради предметот врз докази, судот врз закон, а јавноста да го чека судскиот исход.
„Кога прво се создава јавното мислење, политиката ја дефинира нарацијата, медиумите ја повторуваат, а потоа се бара правна основа за таа нарација, тогаш имаме право да прашаме: дали процесот го води правдата или политиката?“, напиша тој.
Тој истовремено се огради од обид да го прогласи Груби за невин, наведувајќи дека доказите треба да бидат изнесени пред суд, а евентуалната кривична одговорност да ја утврдат судиите.
„Ова не е одбрана на никого од одговорност пред законот. Ова е одбрана на принципот дека ниту една политичка власт не смее да го замени судот“, наведе Ќерими.
Дилемата на Ахмети
Случајот го става лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред политички чувствителна дилема.
Ако партијата безрезервно застане зад Груби, ризикува да го преземе политичкиот товар од евентуалните наоди во судската постапка. Ако, пак, почне да се дистанцира, ќе мора да објасни зошто човекот кој со години беше еден од највлијателните функционери и најблиски соработници на Ахмети сега останува на политичка дистанца.
Ахмети досега испрати различни пораки. Од една страна рече дека Груби треба да одговара ако ја злоупотребил неговата доверба, но од друга страна оцени дека најпрво треба да биде ослободен од куќен притвор.
Таквите различни тонови ѝ дадоа дополнителен простор на ВЛЕН да го претставува случајот како доказ за нервоза и поделби во ДУИ.
ВЛЕН повеќепати го нарече Груби „црната кутија“ на ДУИ, сугерирајќи дека поранешниот вицепремиер располага со чувствителни информации за начинот на кој партијата функционирала во годините на власт.
Тоа, сепак, останува политичко тврдење на ВЛЕН и засега нема јавно презентирани докази дека Груби планира да објавува информации за други функционери или дека неговото сведочење би предизвикало поширока истрага.
Од кривичен предмет до тест за партиска лојалност
За ДУИ, проблемот веќе не е само правната судбина на Груби. Случајот отвора и прашање за начинот на кој партијата се однесува кон некогашните моќни функционери кога ќе се соочат со истраги и обвиненија.
Груби со години беше меѓу најекспонираните лица во ДУИ. Беше пратеник, шеф на кабинетот на Ахмети, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Затоа неговиот случај неизбежно носи и поширока политичка тежина.
За ДУИ, ризикот е двоен: пред јавноста треба да покаже дека не брани функционери по секоја цена, но истовремено да избегне впечаток дека ги напушта луѓето кои со години биле дел од најтесното раководство кога тие ќе се најдат под институционален притисок.
Јавните реакции на Спахиу, Мислими и Ќерими покажуваат дека тој баланс станува сè потежок. Првите двајца го нагласуваат отсуството на солидарност, додека Ќерими го проблематизира начинот на кој се води целата постапка и предупредува на опасноста политичката нарација да му претходи на судскиот исход.
Судскиот процес допрва треба да ги утврди фактите и евентуалната кривична одговорност. Но уште пред првото рочиште, случајот „Груби“ веќе се претвора во тест за внатрешната кохезија, лојалноста и идната распределба на моќта во ДУИ.

