ВЛЕН ја обвини ДУИ за двојни стандарди во односот кон Косово, повикувајќи се на официјален документ од 2022 година во кој, според коалицијата, Косово е наведено без формулацијата „Република Косово“.
Од ВЛЕН велат дека станува збор за акт на Собранието поврзан со закон за државна гаранција за заем за финансирање на проект од ТЕН-Т мрежата за автопатот Скопје–Приштина. Според нив, во насловот на документот се користи само името „Косово“.
Коалицијата тврди дека документот во тоа време бил објавен и споделен и од Бујар Османи, кој тогаш беше министер за надворешни работи.
„Ова не е само формален детаљ. За ВЛЕН, овој документ е одраз на политиката на ДУИ кон Косово и доказ за лицемерието на оние кои денес се обидуваат да се претстават како бранители на националните интереси“, се наведува во соопштението.
ВЛЕН побара Османи да објасни зошто во официјален државен документ од периодот кога тој раководел со Министерството за надворешни работи не била употребена формулацијата „Република Косово“.
Коалицијата упати и пошироки политички критики кон поранешниот министер, обвинувајќи го дека за време на неговиот мандат оставал впечаток оти Белград има поголемо дипломатско значење од Приштина.
„Многу зборови за патриотизам кога се во опозиција, но нивните официјални документи зборуваат сами за тоа како постапувале кога биле на власт“, соопшти ВЛЕН.
Коалицијата побара од Османи и ДУИ јавно да одговорат зошто во документот од 2022 година Косово не било наведено како „Република Косово“.


