Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот „Одбор за мир“ (Board of Peace) постигнал договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во Појасот Газа, како и за фазно повлекување на израелските сили од територијата.
Трамп договорот го оцени како „историски“, наведувајќи дека ќе се спроведува по фази, паралелно со процесот на разоружување.
Што е „Одборот за мир“?
Трамп првпат ја предложи иницијативата во септември минатата година како дел од својот план за завршување на војната во Газа. Подоцна најави дека телото ќе има поширок мандат и ќе посредува и во други меѓународни конфликти, преземајќи улога која традиционално ја имаат Обединетите нации.
Според повелбата, членките имаат тригодишен мандат, додека државите што ќе придонесат со најмалку една милијарда долари добиваат статус на постојани членки.
Во извршниот одбор се американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и Џаред Кушнер.
Кои држави се дел од иницијативата?
Меѓу повеќе од дваесетте основачки членки се САД, Израел, Саудиска Арабија, Египет, Катар, Турција, Бахреин, Јордан, Кувајт, Мароко и Обединетите Арапски Емирати.
Од Европа и пошироко членуваат и Албанија, Косово, Унгарија, Бугарија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Монголија, Пакистан, Узбекистан, Индонезија, Камбоџа, Ел Салвадор, Парагвај и Виетнам.
Кој не се приклучи?
Поканата ја одбија повеќето клучни западни сојузници на Вашингтон, меѓу кои Велика Британија, Франција, Германија, Норвешка, Шведска и Европската унија.
Не се приклучија ниту Кина, Русија, Индија, Бразил, Мексико и Јужна Африка, додека Ватикан соопшти дека ваквите мировни иницијативи треба да останат под водство на Обединетите нации.
Какви овластувања има?
Советот за безбедност на ОН минатата година усвои резолуција со која го признава „Одборот за мир“ како привремена структура за координација на обновата на Газа до крајот на 2027 година.
Телото може да координира меѓународна стабилизациска мисија во Газа и има обврска на секои шест месеци да поднесува извештај до Советот за безбедност.
Надвор од Газа, неговите овластувања остануваат нејасни.
Организациите за човекови права предупредуваат дека иницијативата наликува на колонијален модел на управување бидејќи во неа нема палестински претставници, иако се занимава со идното управување со Газа.
Критики има и поради учеството на Израел во тело кое треба да ја надгледува идната администрација на палестинската територија, како и поради вклучувањето на држави чии резултати во областа на човековите права често се предмет на критики.
Во меѓувреме, администрацијата на Трамп тврди дека преку „Одборот за мир“ веќе се обезбедени седум милијарди долари за фонд за обнова на Газа, а се разгледуваат и планови за воспоставување пилот-хуманитарна зона во енклавата.

