34.4 C
Скопје
4 август, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Дебатите за (не)одржливоста на пензиските фондови, предизвиците и проблемите

Евентуалната намера за „враќање“ или „национализирање“ на вториот столб не е едноставен процес! Не е доволен еден пример во Европа, и тоа лош, како оној на Унгарија, за да послужи како основа истата постапка да ја преземеме и ние. Системот на бруто-плата го утврдува апсолутното право на сопственост врз личните придонеси што работодавачот му ги исплаќа на работникот во рамките на бруто-платата. Секоја евентуална системска и структурна промена би барала лична согласност, заверена кај нотар, од секое лице што поседува лична сметка во вториот столб. Бидејќи прашањето е колку комплексно, толку и чувствително – станува збор за личните средства на околу 700 илјади осигуреници – потребни се многу поспецифични и подлабоки анализи, како и предвидувања со проверени методи што се применуваат кај инвестициските фондови. Поради тоа, пред еден месец започнавме со изработка на детална анализа за да ги расветлиме светлите и темните страни на управувањето со пензиските сметки во вториот столб. Студијата наскоро ќе биде објавена, а на самите пензионери им останува да одлучат!

Пишува: Академик Абдулмена́ф Беџети

Економијата била и продолжува да биде цикличен феномен, со постојани осцилации, повремени подеми и падови во различни региони на светот. За волја на вистината, некогаш тие не беа толку чести, ниту имаа глобално влијание. Глобализацијата во последните три децении ја промени регионалната економска архитектура, ширејќи ги ефектите сè повеќе на глобално ниво — како позитивните, така и негативните. Во текот на XX век кризите со пошироко географско влијание беа поретки, во просек еднаш на секои 25 до 30 години, додека во последните децении дури и регионалните кризи брзо прераснуваат во глобални. Единствената разлика е во времетраењето и интензитетот на амплитудите.

Глобалната финансиска криза од 2007 до 2009 година, покрај потресите на пазарот на капитал и на недвижности, ги разоткри и предизвиците поврзани со (не)одржливоста на пензиските фондови. Западните, односно економски развиените земји членки на ОЕЦД, уште порано започнаа со реформи на своите пензиски системи, создавајќи повеќе можности за пензиските осигуреници, од основниот и традиционален систем „PAYG – Pay As You Go“, па сè до опциите со задолжителни капитално финансирани и доброволни капитални столбови.

Од таа глобална криза наваму, речиси цело време живееме во континуирани кризи. Епидемијата на Ковид-19 од Вухан, на Далечниот Исток, многу брзо го зафати целиот свет, сè до Далечниот Запад! Оттогаш светот не се смири – кризите, како последица на регионалните војни, траат до ден-денес, а нивното влијание врз целата светска економија станува сè поголемо. Регионални конфликти и војни имало речиси постојано во последните 50 години, но само во последните две децении тие преку своето економско влијание добиваат глобален карактер.

Како последица на тоа, сите економски осцилации имаат континуирано влијание врз фондовите за социјално осигурување – пензиските, здравствените и другите. Сепак, најголемо влијание врз нивната нестабилност имаат структурните фактори: од една страна, демографските – продолжувањето на животниот век, намалувањето на наталитетот и иселувањето на младото и работоспособно население – а од друга економските – постојаното намалување на соодносот меѓу вработените и пензионерите, како и радикалните промени на пазарот на трудот предизвикани од експоненцијалните технолошки промени!

Значи, сите овие околности создаваат предизвици, а понекогаш и проблеми, за одржливоста на пензиските фондови насекаде, па нормално и кај нас! Затоа дебатите за ова прашање се легитимни, иако кај нас прилично задоцнети. Во оваа пригода потсетувам дека уште пред речиси две децении ја изразив мојата загриженост за ова прашање, за да не кажам дека алармирав, барем навреме предупредив, односно дадов „рано предупредување“ („early warning“).

Во 2008 година, на дебата за фискалните политики со тогашниот министер за финансии, сегашниот гувернер Т. Славевски, и со советникот на премиерот за финансии, почитуваниот професор М. Петковски, одржана во хотелот „Стоун Бриџ“ во Скопје, предупредив на потребата од зачувување на „фискалниот простор“. Посочив дека поради неодржливоста на нашите социјални фондови, пред сè на пензиското осигурување, ќе следува уште поголем фискален притисок од оној предизвикан од глобалната криза.

Во тоа време нашиот јавен долг изнесуваше само околу 25 проценти од БДП, приближно 2,5 пати помал од денешниот! Оттука, како што вели професорот Авинаш Диксит од Универзитетот Принстон во САД, „во добри времиња треба да се штеди и да се создава фискален простор за лошите времиња“! И не само тоа. Диксит предупредува дека „за политичарите, добрите времиња создаваат илузија дека лошите никогаш нема да дојдат, барем додека тие се на власт“!

Токму тоа ни се случува и нам: од 2009 година наваму, секој премиер мисли дека нему му било или му е потешко отколку на сите негови претходници! Судејќи според движењето на параметрите, доколку процесот на евроинтеграција не се отвори што е можно поскоро и не се забрза, ќе дојдат уште потешки времиња.

И тоа не само од економски аспект!

Пензискиот систем кај нас е тростолбен. Тој е дефиниран со пензиската реформа од 2006 година, преку Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Врз основа на овие закони, првиот столб продолжува да функционира врз принципот на солидарност, според моделот PAYG. Вториот столб претставува задолжителен систем финансиран преку индивидуална капитализација, при што околу една третина од стапката на пензиските придонеси на секој осигуреник или вработен (шест проценти) според неговиот избор и изборот на работодавачот, се уплаќаат на лична сметка во едно од трите друштва што управуваат со вториот столб: АД КБ, како прво друштво; НЛБ Фонд, подоцна преименуван во АД „Сава“; и, од 2019 година, третото друштво „Триглав“. Станува збор за акционерски друштва што се лиценцирани и надгледувани од Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување — МАПАС.

Првиот столб има висок годишен и структурен дефицит од околу 37 проценти, кој секоја година се покрива со трансфери од државниот буџет и претставува голем финансиски товар. Но, дискутабилно е и колку овој систем е солидарен, бидејќи се финансира од даноците на сите граѓани, кои по дефиниција се задолжителни! А наметнувањето даноци, во принцип, не е солидарност!

Вториот столб во текот на целиот овој период, речиси две децении, акумулирал околу 3,4 милијарди евра. Од нив, приближно една третина, односно една милијарда евра, се капитални добивки или принос од капиталните инвестиции што ги прават акционерските друштва кои управуваат со своите портфолија.

Мислењата за незадоволството од нискиот принос на вториот столб или за „разочарувањето“ на првите пензионери од вториот столб се легитимни од неколку причини. Нивниот број сè уште е многу мал, само трицифрен, и тие штотуку почнаа да користат средства и од вториот столб. Но, не е легитимна алчноста за „враќање“ на системот на само еден столб, а уште помалку краткорочната желба да се искористат средствата акумулирани во вториот столб!

Евентуалната намера за „враќање“ или „национализирање“ на вториот столб не е едноставен процес! Не е доволен еден пример во Европа и тоа лош, како оној на Унгарија, за да послужи како основа истата постапка да ја преземеме и ние. Системот на бруто-плата го утврдува апсолутното право на сопственост врз личните придонеси што работодавачот му ги исплаќа на работникот во рамките на бруто-платата. Секоја евентуална системска и структурна промена би барала лична согласност, заверена кај нотар, од секое лице што поседува лична сметка во вториот столб.

Забелешките за приносите на друштвата што управуваат со фондовите од вториот столб можеби се оправдани од аспект на намалувањето на трошоците, а со тоа и на маржите, односно провизиите што осигурителните друштва ги наплатуваат како надомест – 1,8 проценти. Ова особено важи по доброволното намалување на провизијата на регулаторната и надзорна Агенција за вториот столб, МАПАС, од 0,8 на 0,6 проценти, со што таа покажа посветена претпазливост кон осигурениците.

Двете први друштва, КБ и „Сава“, од 2015 година до денес бележат мошне пропорционален тренд и меѓу себе го делат приближно истиот број осигуреници: првото има над 280 илјади, а второто околу 265 илјади членови. Во меѓувреме, третото друштво „Триглав“, кое влезе на пазарот во 2019 година има околу 75 илјади членови.

Истовремено, во текот на целиот десетгодишен период, од 2015 до 2025 година, двете друштва имаат многу сличен тренд и структура на портфолијата со финансиски инвестиции со кои управуваат. Тоа е показател што ја одразува и нивната внимателност, како и процената на ризикот при инвестирањето.

Меѓународните искуства и податоци за овие фондови, без оглед дали станува збор за земјите од ЕУ или од ОЕЦД, сведочат за внимателноста при распределбата на портфолијата во структурата на инвестициите – од најсигурните и најмалку ризичните, како што се државните или централнобанкарските обврзници, па сè до оние со повисок ризик, како што се акциите на домашните и странските пазари на капитал.

Во оваа смисла се препорачуваат три структури на портфолија, зависно од возраста на осигурениците и времето што им преостанува до пензионирањето. Средствата на осигурениците на возраст од 25 до 35 години, кои имаат подолг период до пензионирањето, вообичаено се препорачува да се инвестираат на пазари на капитал со повисок ризик и, соодветно на тоа, со повисок принос – во акции на меѓународните или локалните пазари, благородни метали и слично.

Средствата на осигурениците на средна возраст, од 35 до 50 години, се инвестираат во комбинирана структура — половина во ризични, а половина во посигурни инструменти. Средствата на лицата што се поблиску до пензионирање, односно над 55-годишна возраст, се препорачува да се инвестираат во посигурни инструменти, каде што нивото на ризик е многу пониско, токму поради краткиот период што им преостанува до пензионирањето.

Имајќи ги предвид овие искуства, во случајот на вториот столб во нашата земја, каде што периодот на функционирање сè уште е релативно краток — помалку од две децении — а значителен дел од осигурениците се на возраст блиску до пензионирањето, со околу пет години до пензија, друштвата се и ограничени и внимателни при одлучувањето каде и како да инвестираат.

Кога на ова ќе се додадат и континуираните кризи од 2019 година наваму, кои сè уште траат, станува јасно дека не постоеше инвестициска средина што нуди повисок принос со умерен ризик. Напротив, ризикот е релативно висок!

Нашите пресметки покажуваат дека просечната стапка на принос надминува четири проценти. Во постојните околности тоа не е за потценување – како од аспект на нашата долгорочна просечна стапка на економски раст, која изнесува само 2,2 проценти, така уште повеќе во споредба со стапките на принос на инвестициските фондови во развиените земји членки на ОЕЦД!

Бидејќи прашањето е колку комплексно, толку и чувствително (станува збор за личните средства на околу 700 илјади осигуреници) потребни се многу поспецифични и подлабоки анализи, како и предвидувања со проверени методи што се применуваат кај инвестициските фондови: од таканаречениот Модел за динамичка оптимизација на пензиските фондови – Dynamic Pension Fund Optimization Model, DPFOM – па сè до сценаријата „Монте Карло“.

Поради тоа, пред еден месец, под мое менторство и координација, заедно со колешката од оваа област од Факултетот за бизнис и економија при УЈИЕ, Ш. Алија, директорот на Агенцијата МАПАС, Р. Бајрами, како и колеги од Институтот МВДС, меѓу кои и специјалистот за пресметки и алгоритми С. Шабани, започнавме заедничка работа на една ваква анализа.

Веќе ги имаме прелиминарните резултати и се наоѓаме во фазата на конечна проверка на пресметките. Верувам дека до средината на овој месец ќе им ја доставиме анализата на надлежните органи и ќе ја објавиме пред пошироката јавност.

Целта е и науката да даде директен придонес за што пообјективно информирање на сите овие сопственици на пензиски сметки во вториот столб, каква е состојбата со нивните средства и кои се предизвиците и перспективите.

Потоа тие самите можат да одлучат!

Related posts

Биди умерен во победата и грациозен во поразот

admin

Албанска Левица

admin

Само трпение!

admin

НАТО ја гарантира безбедноста на Северна Македонија: борбени авиони патролираат на вашето небо

admin

Решенијата со Бугарија не се на дофат на раката

admin

Разгледница од Блед… и од Софија

admin