Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини иранското раководство дека е „неверојатно дволично“ и предупреди дека Техеран ја има последната можност да постигне договор со Соединетите Американски Држави, откако Иран негираше дека се водат директни преговори.
Трамп претходно тврдеше дека разговорите со Иран ќе продолжат во понеделник и дека е постигнат договор за Ормускиот Теснец. Иранското Министерство за надворешни работи, меѓутоа, соопшти дека Техеран разговара само со Оман за воспоставување безбедна и привремена рута за бродовите.
„Иранското раководство е неверојатно дволично“, напиша Трамп на својата социјална мрежа, обвинувајќи го Техеран дека бара средби, а потоа јавно негира дека се водат разговори.
Тој подоцна изјави дека Иран ја има „последната шанса“ да потпише, како што рече, добар договор.
„Сакам да им ја дадам секоја последна шанса пред обезглавување“, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа, без дополнително да објасни на што конкретно се однесува заканата.
Американскиот претседател рече дека првата фаза од евентуалниот договор треба да овозможи целосно отворање на Ормускиот Теснец, а втората да се однесува на нуклеарната програма на Иран. Според него, разговорите би можеле да напредуваат брзо, иако Техеран засега не потврдил дека преговара со Вашингтон.
Трамп за време на викендот повторно ги откажа најавените американски напади врз Иран, откако, според него, земјите од Персискиот Залив побарале да се остави простор за дипломатија. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман претходно повикал на деескалација, стравувајќи дека нападите врз иранската енергетска инфраструктура би можеле да предизвикаат одмазднички удари врз земјите од регионот.
Иран негира дека побарал од Трамп да ги запре нападите и тврди дека кризата околу Ормускиот Теснец е последица на американската поморска блокада и прекршувањето на претходно преземените обврски.
Тензиите дополнително се зголемија откако танкер пријавил дека бил погоден со непознат проектил во близина на оманскиот брег, соопшти британската организација за поморска трговија УКМТО.
Бродот бил погоден на околу 37 километри североисточно од Ал Хасаб, на јужната страна од Ормускиот Теснец. Засега не е познато кој стои зад нападот.
Во меѓувреме, шест танкери управувани од саудиски компании ја промениле рутата и тргнале околу Африка за да ги избегнат заканите од јеменските Хути во Црвеното Море. Групата, која е поддржана од Иран, се закани дека ќе ги напаѓа саудиските бродови што минуваат низ теснецот Баб ел Мандеб.
Подолгата рута може да го продолжи патувањето за околу две недели и да ги зголеми трошоците за гориво, осигурување и екипаж. Податоците од компаниите за следење на бродскиот сообраќај покажуваат дека саудискиот извоз на нафта преку Баб ел Мандеб е значително намален по почетокот на нападите.
Неизвесноста околу Ормускиот Теснец и Црвеното Море продолжува да влијае врз глобалниот енергетски пазар. Цените на нафтата паднаа по одлуката на Трамп да ги одложи нападите, но поморскиот сообраќај останува далеку под нивото од пред војната.
Трамп рече дека американската блокада на иранските пристаништа ќе продолжи сè додека не биде постигнат договор или, како што наведе, „целосно предавање“ на Иран.

