Кина постепено се откажува од големите и политички чувствителни инфраструктурни проекти во Латинска Америка и се насочува кон помали инвестиции во локалната безбедност, енергетиката, транспортот, рударството и дигиталната инфраструктура, создавајќи зависност што националните влади често не ја забележуваат навреме.
Соединетите Американски Држави со години предупредуваат за кинеските мегапроекти во регионот, меѓу кои пристаништето Чанкај во Перу и хидроцентралата „Кока Кодо Синклер“ во Еквадор. Вашингтон ги смета ваквите инвестиции за инструмент преку кој Пекинг стекнува политичко и економско влијание.
Но, новата кинеска стратегија е помалку видлива. Наместо да вложува милијарди долари во големи објекти, кинеските компании купуваат постојни средства, снабдуваат локални власти со опрема и склучуваат договори за одржување, обука и техничка поддршка.
Кинески компании развиваат проекти за литиум во повеќе аргентински провинции, управуваат со дистрибуцијата на електрична енергија во главниот град на Перу и обезбедуваат камери, возила и друга опрема за полицијата во повеќе земји.
Поединечните договори можат да изгледаат ограничено, но нивното натрупување создава системска зависност од кинеска технологија, резервни делови, софтвер и експерти.
Од мегапроекти кон „мали, но убави“ инвестиции
Во текот на претходната деценија, Кина вложуваше милијарди долари во пристаништа, брани, железнички линии и други проекти во рамките на иницијативата „Појас и пат“.
Целта беше да се обезбедат суровини, пазари за кинеските компании и дипломатска поддршка, вклучително и преку убедување на државите што го признаваат Тајван да воспостават односи со Пекинг.
Од почетокот на оваа деценија, Кина почна да го менува пристапот. Големите проекти станаа прескапи поради забавувањето на кинеската економија, а истовремено предизвикуваа сè поголем геополитички отпор.
Новиот модел, кој Пекинг го опишува како „мал, но убав“, се заснова врз помали инвестиции што не привлекуваат големо внимание, но постепено се вградуваат во функционирањето на локалните и националните институции.
Традиционалните кинески заеми за регионот се намалија од речиси 25 милијарди долари во 2010 година на просечно околу 1,3 милијарди долари годишно. Сепак, кинеските компании во 2024 година инвестирале околу 8,5 милијарди долари во Латинска Америка.
Голем дел од овие пари се движат преку комерцијални трансакции, преземање постојни компании, продажба на опрема, обуки и договори за одржување, кои не секогаш се регистрираат како класични инвестиции.
Камери, автобуси и полициска опрема
Кинеските компании испорачале илјадници електрични автобуси за јужноамериканските градови, додека кинески возови сообраќаат на трите главни електрични линии во Буенос Аирес.
Најчувствителен дел од кинеското присуство е безбедносниот сектор. Криминалот е едно од главните политички прашања во Латинска Америка, каде стапката на убиства е околу трипати повисока од светскиот просек.
Кина се позиционира како достапен снабдувач на опрема за полицијата, почнувајќи од штитови, мотоцикли и оклопни возила, па сè до системи за препознавање лица и интегриран видеонадзор.
Гувернерот на Рио де Жанеиро во 2025 година склучил договори со кинеските компании „Хиквижн“ и „Дахуа“ за повеќе од 27.000 телесни и автомобилски камери.
Во мексиканскиот град Сиудад Хуарез, во близина на границата со САД, локалните власти купиле 1.000 камери за препознавање лица од истите компании.
Најмалку 35 латиноамерикански градови користат кинески системи за надзор, а во 2018 година околу 62 проценти од увозот на опрема за видеонадзор во Аргентина потекнувал од Кина.
Еквадор како пример за институционална зависност
Еден од највидливите примери е националниот систем за итни случаи ЕКУ-911 во Еквадор.
Проектот започнал во 2011 година, кога владата склучила договор со кинеската државна компанија ЦЕИЕЦ за создавање мрежа за надзор заснована врз камери на „Хуавеј“.
Проектот од 240 милиони долари бил финансиран преку Кинеската развојна банка, а заемот бил поврзан со обврска на државната компанија „Петроеквадор“ секојдневно да испорачува нафта на кинеската страна.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во 2016 година лично отворил заедничка безбедносна лабораторија во седиштето на ЕКУ-911. Потоа Кина донирала 10.000 автоматски пушки за вооружените сили на Еквадор, а во системот била воведена и технологија за препознавање лица.
Она што започнало како договор за камери, со текот на времето станало основа на националната безбедносна и итна инфраструктура.
Системот, сепак, не донел мерливо намалување на криминалот. Бројот на убиства во Еквадор се зголемил од околу 1.000 во 2016 година на повеќе од 4.800 во 2022 година, а дел од камерите престанале да функционираат.
И покрај незадоволството, замената на кинеската технологија би била премногу скапа и сложена, поради што земјата останува зависна од кинеската техничка помош.
Зависност преку технологијата
Кинеските системи често се евтини при набавката, но подоцна создаваат зависност од нивниот производител. Софтверот, резервните делови и одржувањето се сопственички, поради што локалните власти не можат лесно да преминат кај друг снабдувач.
Кинеските државни субвенции им овозможуваат на компаниите да понудат пониски цени од домашните и западните конкуренти, понекогаш целосно истиснувајќи ги од пазарот.
Таквата зависност може да му овозможи на Пекинг политички притисок преку задржување резервни делови, софтверски надградби или технички персонал доколку одредена држава донесе одлука спротивна на кинеските интереси.
Слична зависност веќе постои и во телекомуникациите. Три од четирите најголеми мобилни оператори во Бразил ја изградија својата 4Г-инфраструктура со опрема на „Хуавеј“, што го отежна обидот на поранешниот претседател Жаир Болсонаро да ја исклучи компанијата од развојот на 5Г-мрежата.
Политички отстапки во замена за брза помош
Некои влади во регионот доброволно се ориентираат кон кинеските системи, бидејќи Пекинг нуди брзи и евтини решенија за проблемите со безбедноста, транспортот и инфраструктурата.
Хондурас во март 2023 година ги прекина дипломатските односи со Тајван и воспостави врски со Кина. Три месеци подоцна, двете земји потпишаа 17 договори за соработка, вклучително и за развој на „паметни градови“.
Во рок од една година, хондурашкиот систем за итни повици доделил договор без конкуренција за кинески систем за видеоуправување и поставил 3.500 камери произведени од „Хуавеј“.
Кина, исто така, гради врски со локални политичари, провинциски власти, полициски академии и судски институции, создавајќи односи што можат да преживеат промена на националните влади.
Модел што се шири низ светот
Кинескиот пристап не е ограничен само на Латинска Америка.
Во пакистанскиот град Лахоре, кинеската компанија „Хуавеј“ изгради командни центри и систем со 10.000 надзорни камери. Кенискиот систем за видеонадзор, исто така, се потпира врз кинеска технологија.
Кинеското Министерство за јавна безбедност има потпишано полициски и безбедносни договори со околу 74 држави, а од 2000 година се обучени повеќе од 12.000 странски полициски службеници.
Најновиот кинески документ за политиката кон Латинска Америка, објавен во 2025 година, ја поставува безбедносната соработка како една од главните области на партнерството.
Вашингтон сè уште гледа кон старите закани
Американската политика и натаму е претежно насочена кон големите кинески пристаништа, телекомуникациски мрежи и стратешката инфраструктура.
Но, новата кинеска стратегија се спроведува оддолу нагоре – преку општински набавки, провинциски договори, полициски обуки и системи што се дел од секојдневното функционирање на институциите.
Доколку САД сакаат да го ограничат кинеското влијание во западната хемисфера, ќе треба да понудат достапни и долгорочни алтернативи за локалните власти, наместо само да ги предупредуваат за ризиците.
Во спротивно, Кина ќе продолжи да биде партнерот што побрзо и поевтино ги исполнува локалните потреби – а со секој нов договор ќе стекнува дополнително економско, технолошко и политичко влијание. (Извор: Foreign Affairs)

