Поранешниот генерален директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој беше баран со меѓународна потерница, во средата рано наутро сам се појавил на граничниот премин Долно Блаце при влез во Северна Македонија, по што бил уапсен и спроведен во затворот Скопје во Шутка, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, 33-годишниот Бајрами се појавил на преминот во 5:35 часот. По него се трагаше врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје од 17 декември 2024 година.
Бајрами е првообвинет во предметот познат како „Лотарија“, кој се однесува на набавки поврзани со електронските игри на среќа и видеолотариските терминали.
Неговото враќање следува неколку месеци откако и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој исто така е обвинет во предметот, се појави на границата со Косово и беше приведен.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека случајот покажува оти лицата кои претходно биле недостапни за органите на прогонот сега се обезбедуваат за судските постапки.
„Тие ќе имаат можност да ја докажат својата невиност, а Обвинителството ќе треба да го докаже она што е негова работа и судот врз основа на тоа да донесе правична одлука“, изјави Тошковски.
Судењето се одложува до 18 септември
Враќањето на Бајрами веднаш влијаеше врз текот на судскиот процес.
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека на Бајрами треба да му биде врачена обвинителницата за да може да се запознае со нејзината содржина и со доказите против него.
Поради законскиот рок од осум дена, закажаните рочишта за 11 и 16 септември се откажани, а судењето треба да продолжи на 18 септември во 12 часот.
Судењето започна на 7 септември, кога, поради неговата недостапност, беше предвидено постапката против Бајрами да се води во отсуство. Со неговото приведување, тој сега ќе може лично да учествува во постапката.
Обвинителството тврди дека штетата е 596 милиони денари
Покрај Бајрами и Груби, во предметот се обвинети поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и пет поранешни членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
Според обвинението, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година, со пречекорување на службените овластувања, на Државна лотарија ѝ нанеле штета од 596.125.511 денари, или околу 9,7 милиони евра.
Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со постапките за набавка на опрема за електронски игри на среќа. Наводите од обвинението допрва треба да бидат докажани пред суд.
На почетокот на судењето, присутните обвинети се изјаснија дека не се виновни.
Уште четири постапки против Бајрами
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека, покрај судскиот предмет што веќе е во тек, против Бајрами се водат уште четири постапки за истото кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.
Во тие постапки, според Обвинителството, сè уште се собираат докази и се вршат вештачења.
Бајрами беше генерален директор на Државна лотарија од јануари 2022 до август 2024 година. Претходно бил член и потпретседател на Управниот одбор, односно заменик-генерален директор.
Со неговото појавување на Блаце, обвинителството сега ги има на располагање сите обвинети во главниот судски предмет „Лотарија“, а процесот што започна без присуство на првообвинетиот продолжува со него во судницата.

