Околу 50.000 жени и девојчиња годишно во светот се убиени од интимен партнер или друг член на семејството, а институциите во Југоисточна Европа треба порано да ги препознаваат ризиците, подобро да ги истражуваат случаите и да собираат споредливи податоци, беше порачано на Регионалната конференција за фемицид во Скопје.
Дводневната конференција, одржана во Собранието, беше посветена на превенцијата, идентификацијата, истрагата и документирањето на фемицидот, како и на подобрување на институционалниот одговор кон родово базираното насилство.
Во фокусот на вториот ден беа оперативните стандарди за препознавање на родово поврзан мотив кај убиствата на жени, правилното документирање на случаите, бесплатната правна помош и потребата институциите во регионот да работат според усогласени стандарди.
Родовиот мотив да се препознава уште на почетокот на истрагата
Една од главните препораки е јавните обвинители и другите институции да бидат обучени да препознаваат можен родово базиран мотив уште во почетната фаза на постапката.
Учесниците укажаа и на потребата од подобра проценка на ризикот, особено во случаи во кои претходно постоеле закани, насилство или други предупредувачки сигнали.
Посебно внимание било посветено и на децата погодени од случаи на фемицид, за кои биле побарани посеопфатни механизми за заштита и поддршка.
Проблем се и нецелосните податоци
Втората голема тема на конференцијата беше собирањето податоци.
Учесниците оценија дека анализите кои се потпираат само на медиумски извештаи не даваат целосна слика и дека е потребно институциите систематски да собираат и разменуваат информации.
Беше побарано воспоставување усогласени методологии кои би овозможиле споредба на податоците за фемицид меѓу земјите од регионот.
Во дискусијата учествуваа експерти од Шпанија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Косово и Северна Македонија, како и претставници на ОБСЕ и граѓански организации.
„Femicide Watch“ како механизам за следење
Во рамки на регионалната дискусија беше посочена и потребата од развивање механизми како „Femicide Watch“, со кои случаите би се анализирале систематски, а институциите би можеле подобро да утврдат каде биле пропуштени предупредувачките сигнали.
Според податоците објавени во рамки на конференцијата, преку воспоставениот механизам досега биле разгледани 92 случаи, од кои 43 биле класифицирани како фемицид или обид за фемицид.
ОБСЕ: Препораките треба да се преточат во работа на институциите
На завршницата, претставничките на ОБСЕ порачаа дека резултатите од конференцијата треба да се преточат во конкретни национални политики и институционална практика.
„Од сите нас зависи како ќе делуваме и како ќе го примениме сето она што го разменивме во текот на овие два дена“, беше пораката на затворањето.
Конференцијата ја затвори заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Сузан Пенкса.

