Како вештачката интелигенција се претставува во новинарството и јавниот простор и каде завршуваат можностите на технологијата, а започнува одговорноста на новинарот, беа главните теми на шестата сесија од серијата тренинзи за ВИ со професори и академски кадар од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Експертот за вештачка интелигенција Феџа Куленовиќ ги претстави позитивните и негативните аспекти од употребата на ВИ, со посебен акцент на одговорноста на новинарите при користење и пренесување информации добиени со помош на генеративни алатки.
ВИ може да помогне, но новинарот мора да проверува
Употребата на вештачката интелигенција им овозможува на новинарите побрзо да пребаруваат, анализираат и обработуваат информации, но истовремено создава нови ризици поврзани со точноста и веродостојноста на содржините.
Токму затоа, новинарската проверка и уредничката проценка остануваат клучни кога информациите се генерирани или обработени со помош на ВИ.
Куленовиќ го потенцираше значењето на одговорниот пристап кон технологијата и улогата на новинарите во обезбедувањето точни и проверени информации за јавноста.
Како јавноста ја разбира ВИ?
Сесијата го отвори и прашањето како медиумите ја претставуваат вештачката интелигенција во јавниот простор.
Начинот на кој новинарите известуваат за ВИ влијае врз тоа како граѓаните ги разбираат нејзините можности, ограничувања и ризици, што дополнително ја зголемува одговорноста на редакциите.
Сесијата се одржа во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративните алатки за вештачка интелигенција и медиумското известување за ВИ преку новинарското образование во Северна Македонија“, поддржан од УНЕСКО преку Меѓународната програма за развој на комуникациите.
Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор.

