Демократската унија за интеграција ја поздрави изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори доколку такво барање биде покренато во Собранието.
Од ДУИ оценија дека подготвеноста политичките решенија да се бараат преку институциите и преку волјата на граѓаните е пристап што треба да се поздрави.
„Подготвеноста за барање решение преку институциите и волјата на граѓаните е одговорност што треба да се поздрави“, соопшти партијата.
ДУИ повтори дека подолго време се залага за, како што наведува, стабилна, функционална и легитимна влада која ќе ја одразува политичката волја и легитимитетот на најголемите заедници во земјата.
Партијата смета дека институционалната стабилност и правичната застапеност се предуслови за справување со политичките и општествените предизвици.
Во тој контекст, ДУИ ја оцени можноста за предвремени парламентарни избори како „сериозна и институционална опција“.
Од партијата велат дека евентуалното враќање на мандатот кај граѓаните би можело повторно да ги стави во фокус политичкиот легитимитет и долгорочната стабилност на земјата.

