На Бугарија и Северна Македонија не им е потребен посредник во разговорите за европската интеграција на земјата бидејќи процесот веќе е поставен во рамките на Европската Унија, изјавил за БТА бугарскиот европратеник Кристијан Вигенин, отфрлајќи ја идејата на Скопје за вклучување трета страна во идните разговори со Софија.
Изјавата доаѓа откако министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека Северна Македонија сака во идните разговори со Бугарија поврзани со евроинтеграцијата да учествува и ЕУ – преку нејзините институции или преку одделни земји членки – со цел да се помогне во градењето доверба.
Вигенин, кој во Скопје учествуваше на 25. состанок на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, за БТА изјави дека од неговите средби со политичките партии произлегува дека постои свест оти условот за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот не е билатерално прашање меѓу Скопје и Софија.
„Таканаречениот ‘француски предлог’ беше тежок компромис и за двете страни во 2022 година“, рече Вигенин.
Според него, доколку Северна Македонија ги спровела уставните измени уште тогаш, денес земјата „најверојатно ќе беше на прагот на членството во ЕУ, заедно со Црна Гора“.
Тој рече дека во изминатите четири години земјата самата го блокирала процесот и го постави прашањето дали Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го промени пристапот или ќе продолжи со досегашната политика.
Комитетот бара реформи од Скопје и навремена реакција од ЕУ
Во заклучоците од состанокот, Заедничкиот парламентарен комитет ја повика Северна Македонија да го забрза реформскиот процес, а ЕУ да одговори со навремен напредок кога ќе бидат исполнети условите.
Во документот се наведува и дека постојните договори со соседните држави, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, треба да бидат спроведувани во добра волја од сите страни.
Вигенин рече дека за бугарските европратеници било важно во заклучоците да биде вклучено прашањето за преговарачката рамка и потребата Северна Македонија да ги исполни преземените обврски.
Тој нагласи дека текстовите не можеле еднострано да бидат внесени од бугарските претставници.
„За да биде вклучен еден предлог, за него треба да гласа и македонскиот дел од Комитетот“, рече Вигенин.
Вигенин: Декларативно сите се за ЕУ
Според Вигенин, разговорите во Скопје покажале дека, на декларативно ниво, нема политичка партија која се спротивставува на членството на Северна Македонија во ЕУ.
Тој, сепак, ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека има парламентарно мнозинство и широка јавна поддршка за членството во ЕУ, но не ги презема чекорите што тој ги смета за неопходни за забрзување на процесот.
„Нашите сомнежи почнуваат сè повеќе да ги споделуваат и моите колеги во Европскиот парламент“, рече Вигенин, додавајќи дека негов впечаток е оти се бараат „изговори, оправдувања и виновници“ наместо да се преземат потребните чекори.
Владата во Скопје, од друга страна, бара поголема предвидливост во процесот и гаранции дека по евентуалното усвојување на уставните измени нема да следуваат нови билатерални условувања.
И случајот со Ива Михајлова во заклучоците
Вигенин рече дека тој и бугарскиот европратеник Ивајло Валчев на состанокот го отвориле и случајот со Ива Михајлова.
Во заклучоците бил вклучен текст според кој, во согласност со Повелбата за фундаменталните права на ЕУ, секој човек има право на медицинска грижа, а случајот бил третиран како хуманитарно прашање.
Михајлова има бугарско и македонско државјанство, а против неа во Кочани се води судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа во која загинало едно лице. Таа исто така била повредена во несреќата.
Вигенин рече дека бугарската страна не инсистира таа задолжително да се лекува во Бугарија, туку да добие третман во земја во која е достапен.
Коридорот 8 како практичен тест за соработката
Покрај политичките прашања, на средбите во Скопје се разговарало и за железничкиот Коридор 8, кој треба да ги поврзе Северна Македонија и Бугарија и пошироко Јадранското со Црното Море.
Темата била отворена и на средбата на европратениците со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Убаво е што има движење, има обврски, има донесени одлуки, но луѓето очекуваат да ја видат железничката врска, очекуваат да го видат интермодалниот терминал“, рече Вигенин.
Тој додаде дека и Бугарија треба да ги исполни своите обврски во реализацијата на Коридорот 8.
Скопје бара ЕУ во разговорите, Софија вели дека посредник не е потребен
Изјавата на Вигенин е уште една реакција од Софија по предлогот на Муцунски за европско присуство во идните разговори.
Бугарското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека пристапувањето на Северна Македонија е европско прашање што треба да се разгледува во рамките на европските институции и според утврдените правила и процедури.
Бугарскиот копретседател на Историската комисија Ангел Димитров, пак, ја опиша идејата за посредник како политички предлог и рече дека Софија не треба да реагира на секоја изјава што доаѓа од Скопје, но кога е потребно треба да има „многу јасен и категоричен одговор“.
Муцунски, пак, предлогот го образложи со потребата од обновување на довербата меѓу двете земји.

