Специјализираните совети на Косово во Хаг во средата ги прогласија поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројцата други поранешни раководители на ОВК за кривично одговорни за воени злосторства, изрекувајќи им затворски казни од 13 до 25 години.
Тачи и Јакуп Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години. Станува збор за првостепена пресуда во процесот против четворицата поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Судот претходно потврди дека изрекувањето на пресудата е закажано за 16 септември.
Судскиот совет утврди одговорност за воени злосторства, меѓу кои незаконско и произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и незаконско убиство.
Истовремено, судот не ги прогласи четворицата за виновни за злосторства против човештвото. Според образложението прочитано од претседателот на судскиот совет Чарлс Смит, обвинителството не успеало да докаже постоење на широко распространет напад врз цивилно население, што било неопходно за тој дел од обвинението.
Смит на почетокот нагласи дека процесот не се однесува на легитимноста на ОВК, ниту на нејзината борба за независност на Косово, туку исклучиво на индивидуалната кривична одговорност на четворицата обвинети.
Судот: Најмалку 385 лица незаконски притворени
Судскиот совет утврди дека најмалку 385 лица биле незаконски или произволно лишени од слобода од припадници на ОВК меѓу април 1998 и јуни 1999 година.
Според образложението на судот, дел од нив биле означувани како „колаборационисти“, „шпиони“ или „предавници“, но советот оценил дека за голем број од тие тврдења немало веродостојни докази.
Судот утврди и дека најмалку 348 лица биле изложени на сурово постапување, додека најмалку 303 биле жртви на тортура. Во пресудата се наведува дека некои од притворените биле тепани до степен да не можат да стојат, а дел претрпеле сериозни физички и психички последици.
За незаконско убиство како воено злосторство, судот утврдил дела поврзани со најмалку 96 лица, според резимето на пресудата објавено за време на седницата.
Судот утврди заедничка криминална цел
Еден од клучните делови од пресудата е заклучокот дека четворицата обвинети дејствувале во рамките на заедничка криминална цел насочена кон лица кои биле сметани за противници.
Судот направи разлика меѓу политичката цел за независност на Косово и методите што биле користени против определени противници. Според советот, не било потребно да се утврдува дали независноста или воспоставувањето политичка контрола сами по себе биле незаконски цели, туку дали во нивното спроведување биле извршувани кривични дела.
Во образложението беа споменати и лица поврзани со Демократскиот сојуз на Косово и Вооружените сили на Република Косово како дел од оние што во определени случаи биле сметани за противници.
За Тачи, советот утврди дека дал суштински придонес во спроведувањето на заедничката криминална цел и дека како член на Главниот штаб и Политичката дирекција имал значајна улога во нејзиното формулирање и спроведување.
За Весели, судот оцени дека како раководител на разузнавачка структура на ОВК имал клучна улога во идентификувањето и таргетирањето лица сметани за противници.
Судот оцени дека и Красниќи имал суштински придонес, меѓу другото преку соопштенија, политички изјави и наредби, додека за Селими утврди дека поттикнувал и во определени случаи учествувал во извршувањето на злосторствата.
Од 13 до 25 години затвор
Највисоки казни добија Тачи и Красниќи – по 25 години затвор. На Весели му беа изречени 18 години, а на Селими 13 години.
Времето што обвинетите веќе го поминаа во притвор треба да биде пресметано во изречените казни.
Четворицата се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Главното судење започна во април 2023 година, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година. Во судница сведочеа 134 сведоци, а во процесот учествуваа 156 жртви.
Обвинителството бараше значително повисоки казни, додека одбраната бараше ослободување на обвинетите. Четворицата во текот на процесот се изјаснуваа за невини.
Пресудата е првостепена и страните имаат можност да ја оспорат во жалбена постапка.

