Кардиоваскуларните заболувања остануваат водечка причина за смртност во Македонија, со 6.888 починати минатата година, што претставува 34 отсто од вкупниот број смртни случаи, покажуваат податоците објавени по повод Светскиот ден на срцето.
Институтот за јавно здравје предупреди дека болестите на срцето и крвните садови и натаму претставуваат еден од најголемите здравствени ризици во земјата и повика на редовни превентивни контроли и навремено откривање на факторите на ризик.
Според објавените податоци, кардиоваскуларните заболувања се на прво место меѓу причините за смртност во земјата.
По повод 29 септември, Светскиот ден на срцето, Институтот за јавно здравје организираше бесплатни превентивни прегледи и советување за граѓаните во Скопје.
Министерот за здравство Сашо Клековски, кој го посети пунктот за прегледи, порача дека превенцијата и редовното следење на здравствената состојба се клучни за намалување на ризикот.
Во фокусот на кампањата се редовното мерење на крвниот притисок и телесната тежина, контрола на ризик-факторите и редовното земање на препишаната терапија.
Здравствените институции предупредуваат и дека дел од симптомите на кардиоваскуларните проблеми често се игнорираат, што може да доведе до доцно откривање на болеста.

