Два трговски брода биле погодени со морски и воздушни дронови во бугарската исклучителна економска зона во Црното Море, при што едниот потонал, а екипажот на вториот бил евакуиран, соопштија бугарските власти.
Според бугарската bTV, погодени биле товарните бродови ALFA WATAN, под знаме на Того, и ABLE, под знаме на Палау.
ALFA WATAN претрпел тешки оштетувања и потонал источно од бугарскиот брег, во близина на Бјала. Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека засега не се пронајдени членови на екипажот и дека спасувачките тимови откриле само чамец и елеци за спасување.
Во потрагата е вклучен и авион Су-25 за воздушно набљудување на морската површина.
Спасени 18 морнари од вториот брод
На бродот ABLE по ударот избувнал пожар, по што сите 18 членови на екипажот го напуштиле пловилото.
Тие биле спасени од бугарскиот патнички ферибот DIOSCURIA, кој бил пренасочен кон местото на инцидентот.
Двајца морнари се потешко повредени. Капетанот се здобил со повреда на главата, додека морнар од Индија има тешки изгореници. Двајцата се пренесени во болници во Варна, а останатите 16 членови на екипажот, според бугарските медиуми, се во добра состојба.
Радев: Напад врз цивилни бродови
Радев свика итен состанок со претставници на Министерството за одбрана, МВР, Министерството за транспорт, безбедносните служби и други институции.
Тој изјави дека екипажите на двата брода потврдиле оти биле нападнати со дронови.
„Се погазува меѓународното право – се напаѓаат цивилни бродови“, рече Радев.
Бугарските власти засега не соопштија кој стои зад нападите и каков тип беспилотни летала биле употребени.
Инцидентот се случил во зона погодена од пошироката војна во Црното Море
Нападот се случил околу 70 морски милји источно од Бјала, во бугарската исклучителна економска зона.
Претходната ноќ воздушна тревога била прогласена и во делови од Романија, каде биле кренати борбени авиони, но романските власти соопштиле дека немало нарушување на нивниот воздушен простор.
Во истиот период руските сили изведувале напади врз цели во украинските пристаништа на Црното Море, додека Украина претходно обвини руски дронови и за друг инцидент со брод во близина на романските води.
Причината и потеклото на дроновите што ги погодиле двата брода во бугарската зона сè уште се истражуваат.


