Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да разговара со новоизбраниот бугарски премиер Румен Радев за сите отворени прашања меѓу двете земји, но оцени дека не очекува подобрување на односите сè додека, како што рече, во земјата има политичари кои „ги распродаваат македонските национални интереси“.
„Еве, го поканувам“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали би го поканил Радев на средба.
Тој изјави дека по изборот на новата бугарска влада телефонски му честитал на Радев и изразил надеж за подобрување на добрососедските односи.
„Се надевам дека со оваа влада ќе можеме да ги подобриме меѓусоседските односи и ќе можеме да разговараме за темите за кои треба да разговараме“, рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека не очекува влошување, туку дека „не е голем оптимист“ за брз напредок во односите и преговорите со Бугарија.
Во таа насока, тој ја обвини опозициската СДСМ дека, според него, „коленичи за жолтици“.
„Сè додека има котиња од СДСМ што коленичат и ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување“, изјави Мицкоски.
На изјавите реагираше СДСМ, оценувајќи дека премиерот користи „крими-дипломатски речник“ и дека не покажува вистинска волја за решавање на спорот со Бугарија.
„На кого уште не му е јасно дека овој ‘голем патриот’, на кого половина од владата, Собранието и партијата имаат бугарски пасоши, не сака да го реши прашањето за внесување на малцинствата во Уставот?“, соопшти опозициската партија.
Од СДСМ порачаа дека внесувањето на малцинствата во Уставот не претставува закана за националниот идентитет и обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ ја блокира европската интеграција на земјата.
„Секој чекор поблиску до ЕУ е чекор кон тоа криминалната група да сноси одговорност за своите криминално-коруптивни дела“, наведоа од партијата.
СДСМ денеска испрати честитка до новата влада во Софија, изразувајќи надеж за конструктивен пристап во односите со Северна Македонија и почитување на македонскиот идентитет и европските принципи.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, „побрзал да му се допадне на Радев“, обвинувајќи ја опозицијата за неконзистентна политика кон Бугарија.
Политичките тензии околу односите со Софија повторно се интензивираат во период кога евроинтегративниот процес на Северна Македонија останува условен со уставните измени и спорот со Бугарија.

