25.8 C
Скопје
5 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Пензискиот систем пред тежок избор: Повисоки придонеси, нова формула и реформа на Вториот столб

Дефицитот во пензискиот систем се продлабочува и без реформи може да достигне 6,3 отсто од БДП до 2030 година и околу 6,6 отсто во периодот 2035–2037 година, покажува анализа изработена за Фискалниот совет, кој предлага пакет мерки – од постепено зголемување на пензиските придонеси до повисока старосна граница за пензионирање.

Анализата покажува дека пензискиот систем е под структурен фискален притисок поради побрзиот раст на расходите од приходите, демографските промени, сивата економија и повеќегодишните зголемувања на пензиите надвор од редовната формула.

Според податоците презентирани од Фискалниот совет, кусокот во поширокиот пензиски систем – во кој се вклучени пензиите, трансферите кон Вториот столб и придонесите за здравствено осигурување – достигнал 54,4 милијарди денари, или 5,2 отсто од БДП.

Директорот на ПИОМ Никола Мемов, пак, рече дека во 2026 година вкупниот дефицит што го покрива Фондот изнесува околу 64 милијарди денари, од кои 32 милијарди се потребни за исплата на пензии, 13,7 милијарди за Фондот за здравствено осигурување и 19,6 милијарди денари за транзициските трошоци поврзани со Вториот столб.

Придонесите од 18,8 отсто не се доволни

Една од главните препораки е постепено зголемување на стапката на придонес за пензиско осигурување од сегашните 18,8 на 20 отсто.

„Овие 18,8 проценти не се доволни за сега ние самите да си ја платиме пензијата. Тоа го покажуваат и нашите пресметки. Оваа стапка на придонес треба да расте, но постепено“, рече Мемов.

Фискалниот совет предлага и постепено подигнување на старосната граница за пензионирање за една година и создавање услови за доброволно подолго останување на пазарот на труд.

Меѓу препораките е и напуштање на ад хок и линеарните зголемувања на пензиите и нивно усогласување првенствено со инфлацијата.

Според анализата, во 2025 година расходите за пензии пораснале за 19 отсто, додека приходите од придонеси се зголемиле за 8,8 отсто.

Најризичниот период по 2038 година

Како најризичен период за пензискиот систем се посочуваат годините меѓу 2038 и 2048, кога транзициските трошоци би требало да достигнат највисоко ниво, а бројот на осигуреници на еден пензионер да падне под 1,3.

Директорката на „Фајненс тинк“ и авторка на анализата, Благица Петрески, предупреди дека одложувањето на реформите дополнително ќе ја зголеми цената.

„Ниедна реформа не е безболна, но колку повеќе ја одложуваме, цената ќе биде поголема“, рече Петрески.

Комбинираниот пакет предложен во анализата опфаќа и намалување на сивата економија и поголемо учество на жените на пазарот на труд.

Ќе се менува и формулата за пензии

Мемов најави дека ПИОМ разгледува и промена на методологијата според која се пресметуваат пензиите.

Тој рече дека сегашниот модел се заснова врз просечната плата и годините на стаж, но не го зема доволно предвид вкупниот износ на придонесите што осигуреникот ги уплатил во текот на работниот век.

Како пример, Мемов наведе лица со исклучително високи месечни приходи кои, поради максималната основица, не плаќаат придонеси на целокупната плата.

„Имаме случаи на граѓани кои примаат месечно плата и до 10 милиони денари, а плаќаат придонеси само на еден милион денари. Тоа мора да се смени“, рече Мемов.

Тој побара ревизија и на правилата за повластени пензии, земјоделските пензии и професиите со бенефициран стаж, наведувајќи дека тие поволности го чинат системот повеќе од 100 милиони евра годишно.

Вториот столб останува чувствително прашање

Посебен дел од дебатата беше посветен на Вториот пензиски столб.

Академик Абдулменаф Беџети оцени дека средствата во приватните пензиски фондови се инвестираат премногу конзервативно и предложи инвестицискиот ризик да зависи од возраста на осигурениците.

Според предлогот, кај помладите осигуреници поголем дел од парите би можел да се вложува во поризични инструменти со потенцијално повисок принос, додека за лицата блиску до пензионирање би се задржал поконзервативен пристап.

Петрески предупреди дека евентуално враќање на средствата од Вториот столб во државниот пензиски систем само привремено би го олеснило фискалниот притисок.

„Сметам дека играта со Вториот столб може да стане многу опасна игра. Потенцијално враќање во ПИОМ ќе даде фискална релаксација, но само ќе го одложиме проблемот“, рече таа.

Мемов рече дека државата нема пристап до парите на осигурениците во Вториот столб, бидејќи со нив управуваат пензиските друштва, додека државните институции ја надгледуваат нивната работа.

Политички тешки, но неизбежни мерки

Претседателот на Фискалниот совет, академик Беџети, рече дека проблемот не може да се реши со една мерка и побара комбиниран пристап.

„Политичарите се плашат да прават реформа затоа што тоа си има своја цена. Тие не прават мерки кои се непријатни и непопуларни“, рече Беџети.

Тој потсети дека слични препораки биле дадени и пред две години, но не биле прифатени.

Конечната одлука за тоа кои мерки ќе бидат применети треба да ја донесат Владата и Собранието.

 

Related posts

Над 400 македонски државјани побарале информации за евакуација од Блискиот Исток

admin

Во „четворката“ Филипче полумилионер – во просек едно пратеничко столче „тежи“ над 165 илјади евра

admin

“Свети Стефан” повторно се отвора по пет години

admin

Рамо до рамо, но без збор: Студена тишина меѓу лидерите на ВЛЕН на стартот на автопатот Тетово–Гостивар

admin

Трамп нареди федерално преземање на полицијата во Вашингтон и испраќање на Националната гарда

admin

Скопје даде зелено светло за дислокација на „Усје“, Владата треба да ја отвори постапката

admin