9.8 C
Скопје
13 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

„Црната листа“, перењето пари и моќните бизниси: Азизи ја отвори програмата за ОЈО ГОКК

Обвинителот Фатон Азизи најави поагресивни финансиски истраги, засилена борба против перењето пари и поголема проактивност во предметите поврзани со лица ставени на меѓународни „црни листи“, претставувајќи ја својата програма како кандидат за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Поголема проактивност за случаите кои се на црна листа и зголемена борба против перењето пари, особено во градежништвото“, рече Азизи при претставувањето на програмата.

Азизи, кој е обвинител во ОЈО ГОКК, е еден од петтемина кандидати кои се борат да го наследат Ислам Абази. Останатите кандидати се Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.

За новиот шеф на Обвинителството на 28 октомври треба да гласаат 188 јавни обвинители од целата држава.

Истражен центар независен од другите институции

Азизи во интервју за „Click Plus“ на ТВ21 рече дека неговата програма се темели и на зајакнување на оперативната независност на обвинителите.

Една од неговите главни идеи е создавање истражен центар во рамките на Обвинителството, со кој обвинителите би добиле сопствени капацитети за водење истраги наместо да зависат од ресурсите на други институции.

„Пависноста реално ќе се гарантира ако создадеме Истражен центар кој е независен и е само во рамките на Обвинителството, без поврзаност со матичната институција“, рече Азизи.

Според него, обвинителот што води сложени предмети треба да располага и со сопствен тим кој ќе му помага во истрагата, прибирањето и анализата на доказите.

„Ако создадеме обвинители кои се екипирани, кои имаат значителен број луѓе околу себе, кои ќе бидат десна рака на обвинителот, тоа ќе овозможи детална и темелна истрага“, рече тој.

Фокус на парите и градежништвото

Најавата за посебен фокус врз перењето пари во градежниот сектор е еден од поконкретните делови од програмата на Азизи.

Финансиските истраги и конфискацијата се меѓу главните теми и во програмите на другите кандидати.

Пеливанов најави воспоставување „јасна методологија за финансиски истраги“, додека Раичевиќ рече дека обвинителите мора добро да ја познаваат структурата на организираниот криминал, вклучувајќи ги криминалните мрежи поврзани со дрога и оружје, но и криминалот во образованието и здравството.

Хаџи Василева рече дека ОЈО ГОКК треба да ги истражува формите на криминал што го нарушуваат поширокиот јавен интерес и го попречуваат развојот на општеството.

Цветановски, пак, предлага протокол со однапред утврдени и предвидливи мерки за различни кривично-правни настани.

Азизи ветува поддршка за обвинителите кои нема да потклекнат на притисоци

Азизи ја поврзува институционалната независност и со личниот интегритет на обвинителите.

Тој рече дека обвинителите не смеат да бидат подложни на надворешни влијанија и дека, доколку биде избран, ќе ги поддржува кадрите кои покажуваат професионалност и храброст при водењето предмети.

Неговата цел, како што рече, е да воспостави систем во кој обвинителите ќе имаат институционална и професионална сигурност при донесувањето одлуки врз основа на доказите и законот.

„Во оваа трка сум со најголема сериозност“, рече Азизи.

Изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК доаѓа во период кога борбата против високата корупција, финансиските истраги и независноста на обвинителството остануваат меѓу клучните прашања за функционирањето на правосудниот систем во Северна Македонија.

Related posts

ГРУБИ СЕ СРЕТНА СО НОВИОТ ЧЕШКИ АМБАСАДОР: РУСКАТА АГРЕСИЈА ВРЗ УКРАИНА Е ОПАСНОСТ ЗА ЦЕЛА ЕВРОПА

admin

ЗАПАДОТ ЕДНОГЛАСЕН ВО ПОДДРШКАТА ЗА УКРАИНА

ninja

ЕУ одобри 15 милиони евра помош за Армијата на Северна Македонија

admin

Арсовска со отворено писмо до Рокас: Во Македонија мафијата си има држава

admin

(Не)разрешувањето на Беса Адеми – нов испит за Судскиот совет

admin

Тензии во Косово: Српска листа бара косовската полиција да биде заменета со КФОР

admin