Европската комисија усвои пакет за подготовка на Европската Унија за идно проширување, со кој предлага кандидатите постепено да се вклучуваат во делови од европските политики пред полноправното членство, а одлуките во делови од пристапниот процес почесто да се носат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност.
Пакетот предвидува подлабока интеграција во сектори како енергетика, транспорт, дигитализација и одбрана, но само доколку земјите-кандидати ги исполнуваат условите и продолжуваат со реформите. Таквото учество би било условено и реверзибилно, односно може да биде повлечено ако има назадување.
Комисијата најави и годишни дијалози со земјите-кандидати за да се следи колку се подготвени за постепено вклучување во европските системи.
Една од најзначајните идеи е отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапниот процес да можат да се одобруваат со квалификувано мнозинство.
За конечната одлука за членство и натаму би останала потребна едногласност на земјите членки.
Комисијата истовремено ќе продолжи да го поддржува користењето на т.н. passerelle-клаузули за премин од едногласност кон квалификувано мнозинство во области како санкциите, даночните измами и одредени фискални мерки во енергетската политика.
Новите членки да не блокираат идни проширувања поради билатерални спорови
Пакетот отвора и прашање што е особено значајно за Западен Балкан.
Комисијата предлага во идните договори за пристапување, за ограничен период, новата земја-членка да може да преземе обврска да не блокира идно проширување поради билатерален спор.
Тоа не значи автоматско укинување на ветото во сите фази, но претставува обид да се намали можноста билатералните конфликти да го блокираат процесот на други кандидати.
Комисијата предлага идните договори за членство да содржат посилни заштитни механизми за земјите што ќе влезат во Унијата.
Тие би можеле подолго време по членството да се активираат во области како економијата, внатрешниот пазар, правдата и внатрешните работи.
Се предлага и нова институционална заштитна клаузула во случај на сериозно прекршување на основните вредности на ЕУ или принципот на лојална соработка. Во најтешките случаи би можело да се стигне и до суспендирање на гласачките права во Советот.
Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина со посебни патокази
Како дел од Пакетот за проширување за 2026 година, кој се очекува подоцна овој месец, Комисијата најавува индикативни патокази за Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина, доколку тие го задржат темпото на реформи.
Тие четири земји во моментов се издвојуваат како кандидати за кои Брисел планира поконкретна мапа на следните чекори.
Северна Македонија не е наведена меѓу четирите земји за кои Комисијата во овој пакет најавува таков индикативен патоказ.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос рече дека постепената интеграција има смисла само ако земјите-кандидати продолжуваат да напредуваат со реформите.
Таа како примери ги посочи вклучувањето во СЕПА и олеснувањата во роамингот, кои веќе носат практични придобивки пред полноправното членство.
Пакетот треба да биде основа за натамошната дискусија меѓу земјите членки, Европскиот парламент и Европскиот совет за тоа како би функционирала Унија со повеќе од 30 членки.

