11.8 C
Скопје
30 октомври, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНАРЕГИОН

ИНТЕРВЈУ / Миливоје Михајловиќ: Заврши времето на непријателства со соседите, новата Србија ќе се сврти кон Европа

По победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија минатата недела, остануваат отворени бројни прашања за идниот политички курс на земјата. Хетерогениот состав на листата и можните разлики меѓу нејзините претставници го отежнуваат предвидувањето на политиките на идната влада.

Во интервју за Инбокс7, српскиот новинар и аналитичар Миливоје Михајловиќ од медиумот „Наш портал“ оценува дека Србија ја очекуваат тешки институционални реформи, борба против системската корупција и преиспитување на надворешната политика.

Според него, новата влада ќе се приближи кон Европската Унија, ќе ги подобри односите со соседите и ќе го промени пристапот кон Косово.

Михајловиќ смета дека односите со Северна Македонија треба да се темелат на институционална соработка и заедничка борба против организираниот криминал. Тој предупредува дека земјата не смее да стане прибежиште за капиталот што, според него, српските олигарси незаконски го стекнале.

Инбокс7: Каква ќе биде Србија по овие избори?

Миливоје Михајловиќ: По овие избори верувам дека Србија ќе биде поинаква. Пред нас е голема работа околу формирањето на парламентот и владата. Треба да се исправи сè што се случуваше во државата во изминатите 14 години.

Пред сè, се очекува борба против системската корупција на сите нивоа на власта. Се очекуваат реформи во полицијата, тајните служби и големиот апарат на државната администрација, кои беа во служба на владејачката партија.

Практично, сите државни ресурси беа приватизирани од еден човек – Александар Вучиќ.

Најтешката борба ќе биде онаа против криминалното подземје, кое навлезе во сите пори на власта.

Тоа е тешка работа, но верувам дека овие млади луѓе, кои имаат огромна енергија и сила и кои практично без речиси никакви ресурси успеаја да победат на изборите, ќе успеат да се справат со предизвиците.

Тие успеаја да ја победат власта која ги имаше на располагање сите пари во земјата.

Инбокс7: Каква ќе биде надворешната политика на новата влада кон Западот и Истокот?

Миливоје Михајловиќ: Надворешната политика на Србија не може да се промени веднаш, уште на самиот почеток. Таа ќе биде поотворена кон Европската Унија и нема да остане само на вербални декларации, како што беше досега. Напротив, ќе се стреми кон значително подобрување на односите со Брисел.

Србија не може да се ориентира ниту кон Кина, ниту кон Русија, ниту кон Соединетите Американски Држави. Пред сè, таа ќе се ориентира кон Европа, на која природно ѝ припаѓа.

Европските закони и стандарди, кои се вградени во српското законодавство, едноставно треба да се применуваат и почитуваат. Тоа, барем на почетокот, ќе биде главниот курс на надворешната политика на Србија.

Вашингтон има добри односи со Белград и новата власт ќе се обиде дополнително да ги унапреди.

Кина има значителни инвестиции во Србија. Таа вложи многу пари во железарницата и во рудникот во Бор. Трговската размена со Пекинг постојано расте, а Србија има и кинески кредити. Затоа, овој столб на надворешната политика ќе биде определен пред сè од економските интереси.

Што се однесува до Москва, Србија е енергетски зависна од Русија. Нафтената индустрија и снабдувањето со гас во голема мера влијаат врз економската стабилност на Србија.

Во значителна мера, овие односи ќе зависат од Кремљ. Верувам дека новата власт ќе успее да ги уреди на најмалку болен начин.

Инбокс7: Какви ќе бидат односите на Белград со соседните земји, вклучително и со Северна Македонија?

Миливоје Михајловиќ: Што се однесува до регионот, мислам дека помина времето на кавги со соседите, што беше специјалност на Александар Вучиќ, бидејќи на тој начин го зголемуваше својот политички рејтинг.

Постојаните негативни изјави за соседите и поттикнувањето непријателство кон Хрватска, Албанците и Црногорците завршија.

Новото раководство ќе им подаде рака на сите соседи.

Важно е Србија повторно да се врати на меѓународните документи за уредувањето на Босна и Херцеговина. Таа треба искрено да го поддржи Дејтонскиот договор, договорот меѓу ентитетите и трите конститутивни народи во Босна и Херцеговина, и да не поттикнува поделби, кои досега имаа цел само да го одржат Вучиќ на власт.

Македонија има специфично место. Вучиќ имаше добри односи со македонските раководства, но новата власт ќе мора да изгради што е можно подобри односи со граѓаните на Македонија.

Првиот чекор би бил решавањето на проблемот со шверцот на марихуана на релација Македонија – Србија.

Соработката треба да биде законски уредена и мора да постои заедничка борба против криминалот.

Македонија не смее да биде земја во која српските олигарси ќе ги кријат парите ограбени од граѓаните на Србија.

Инбокс7: Што предвидувате за односите со Косово?

Миливоје Михајловиќ: Што се однесува до Косово, Белград повеќе нема да поттикнува поделби.

Студентската листа за време на предизборната кампања нагласуваше дека се бори за почитување на Уставот на Србија, против корупцијата, како и за помош на српското население во Косово.

Верувам дека односите со Косово ќе бидат подобри, без тајни договори, без соработка со криминални структури и без продавање на интересите на граѓаните што живеат во Косово.

Србите во Косово беа жртви на политиката на Вучиќ. Тие беа цената што се плаќаше за опстанокот на неговата власт.

Тој воспостави криминални структури кои сееја страв меѓу Србите, особено во северниот дел на Косово.

Верувам дека тоа ќе се промени.

На власт доаѓа тим од политички неискусни луѓе, но тоа се луѓе со искрени намери, кои се против криминалот и мафијата и се залагаат за воспоставување нормални односи во внатрешната и надворешната политика.

Related posts

Тензии во ВЛЕН: Дали коалицијата е пред распад?

admin

Софија повторно инсистира на уставни измени: Без внесување на Бугарите во Уставот нема напредок кон ЕУ

admin

Осум имиња, 185.000 килограми железо и милиони денари: Што откри МВР во Тутунски комбинат?

admin

Груби: Процесот на децентрализација ги опфаќа идеалите на еднаквост, толеранција и социјална кохезија

ninja

Руска „остра моќ“ во Македонија по инвазијата врз Украина: Од зборови на дела

admin

Ѓорчев: Ќе направиме влада без СДСМ и ДУИ

admin